ТРАЈЧЕ КРСТЕСКИ. „СИЛЈАН ПОВТОРНО ЛЕТА“ ПРВ ДЕЛ Која е смислата и целта на животниот пат? Бев во заблуда дека на ова прашање што често, некогаш свесно, некогаш несвесно, се испречува пред нас е можно да се одговори. Можеби некоја претпоставка, никако дефинитивен одговор, зашто тој е дел од мудроста што не е можно да се соопшти. Таа се содржи некаде над нас и е недофатна. Силјан од Мало Коњари, во кажувањето „Силјан Штркот" од Марко Цепенков, допре до просторите што не ги спознал ниеден човек. Човекот стана штрк, полета, виде животни чуда што никој не ги беше видел пред тоа, а сигурно уште милиони години никој не ќе ги доживее. Бегајќи од татковото огниште, Силјан, хедонист по природа, со еден духовник тргнува на Божигроб. Кога од Солун со гемија запловуваат по Средоземно Море, ги зафаќа невреме. Гемијата потоанала, а единствениот што преживеал бил Силјан. Брановите го исфрлиле во чудна земја, од каде што за да се врати дома, човекот Силјан, се претворил во штрк. Одовде почнува нашето кажување, малку поразлично од она на Цепенков. Го следиме патот по кој Силјан ја бара смислата на својот живот. Ако некогаш се пронајде некаков верен запис за овој настан, ова наше кажување ќе стане безвредно, прашањата што овде ќе ги поставиме ќе бидат излишни. Тогаш, можеби, ќе најдеме вистински одговор на тие прашања, зашто сега сме осудени само да го претпоставуваме. 1. Сосема далеку, сосема далеку... празно, ништо. Ужас. Закана од уништување. Му се пристори дека лежи во бескрајна леплива темнина. Закана за уништување. Бескрајна леплива темнина на ништожноста. Некаде далеку, некаде далеку. Таму каде што не може да се најде смислата. Овде почнува расказот, малку поразличен од претходниот. Овде е даден знак за почеток. За друга состојба. За друг живот или за друг свет? Можеше ли да избира? Влегува ли Силјан во друг живот, во друг животен тек? Немаше знаци за распознавање, знаци што ќе упатуваат кон нешто познато. Или препознатливи слики. Длабоко во него, некој глас, можеби неговиот, можеби нечиј друг, крикаше: „Светлина, светлина, светлина..." Беше туркан низ тесен канал. Се бореше за воздух, за простор. 2. Силјан се обиде да препознае слики или да ги повика во сеќавањето. Детаљ. Нешто, од некаде, што ќе му покажеше дека е жив, дека овде сепак се живее. Парче од старо и некогаш видено, нешто што го потврдува минатото постоење. Постоењето воопшто. Стаса ли до крајот од својот грешнички живот, или него веќе го заврши и сега се наоѓа на прагот од некој друг, или на работ од неговиот понор? Чудесијата од минатиот живот, од оној што веројатно го остави зад себе, сега личеа на сенки од далечен, неразбран сон по кој во сеќавањето останува мачнина. Се најде ни во време, ни во место. Кратко или долго? Имаше ли околу земја, вода, воздух, или некоја друга материја, нешто цврсто врз што ќе се потпре во иднина? Имаше ли иднина? Нешто што ќе му помогнеше да одгатнува, ако сè не беше толку јасно па се претворило во бесмислица. Дали чувствуваше? Беше присутен или отсутен? Ете прашања што остануваат без одговор. Во еден миг, можеби дури не беше ни миг, му се причини дека виде сончев блесок, нешто налик на сончев блесок, на сонце. Но, не она од неговиот крај што изгреваше од зад Сувиот Рид, а заоѓаше зад Големата Планина. Тоа беа настани што во минатото, во далечното минато се случуваа редовно, а на кои тогаш Силјан не им обрнуваше внимание. Сега да. Сега тие би биле големи настани, сега тие ситници од неговиот живот што поминуваа речиси незабележани му станаа важни, потребни, единствени. Сакаше да се сеќава на тој минат живот, пријатна топлина навеваше оттаму. Можеби требаше да почне од нив, од тие спомени што навираа, едноставни, а толку силни. Да стане и да тргне во таа насока. Кон височинката на која секогаш во бела кошула, како фигура од гипс, стоеше Стоилка. Од каде изрони таа, сега и овде? Се обиде да се помести, да ги помрдне рацете или нозете, некој друг дел од телото, или барем да ги отвори очните капаци. Ништо. Остануваше притиснат од леплив мрак, од бескрајна леплива темнина околу, до бескрај. Некаде низ главата, сè уште нејасно му се меткаше идејата дека треба да стане и да тргне кон височинката на која секогаш во долга, бела ленена кошула, како да е фигура од гипс, стоеше Стоилка. Со години Силјан не си го имаше споменато девојчето од детството. Ох, тоа беше слика што сигурно не се заборава иако за долго се потиснува во длабочините на помнењето. Сонцето $ грееше од зад грб и зраците ја пробиваа тенката белост на ленената кошула, го пробиваа прозрачното тело и си продолжуваа по својот пат. Стоилка умираше пред нивните очи, додека тие, селските деца играа околу, огреани од тоа исто сонце. Играа наивни игри, играа околу неа со надеж дека ќе умре, за да го почувствуваат здивот на смртта. Во нејзините големи и потемнети очи ја насетуваа смртта што го поттикнуваше детското љубопитство да ја одгатнат нејасноста што допираше до нивната свест. Ги мамеше тоа чудо, таа загатка. А Стоилка, сè така стоеше безизразна, вгледана во нив и во околината зад нив, стопена со неа, како нејзин логичен дел. Кога умре и откако ја закопаа, нејзината бела фигура остана таму, на височинката, а ако не е така, значи, така се беше запечатило во Силјановите очи. Силјан, скришум, на залезот, доаѓаше наспроти височинката, ги подзатвораше очите и полека, во нив, отпрвин нејасно, потоа сè побистро си ја откриваше белата фигура од девојчето што се лелееше во воздухот и исчезнуваше полека, како птица. 3. Како птица, помисли Силјан и се обиде да ги отвори очите со надеж дека ќе ја догледа нежната девојчинска фигура што лебди и се стопува со воздухот. Ништо. Се обиде да си спомене некој друг детаљ. Искра што ветува идна топлина. Ништо. Што ако сè друго е на друго место, а не тука каде што беше тој? Што ако овде е празно ништо во кое невратно ќе пропадне? Што ако она, дотогаш познато, звуците и топлината, румената зора и ноќните шумови, се наоѓаат во минатото или во иднината? Го опфати ужас. Како да се најде пред мечот на дефинитивното уништување. - Не! - крикна Силјан. Не беше тоа неговиот вистински глас. Во тој крик имаше нешто птичјо. - Не! - уште еднаш крикна Силјан, со речиси нечовечки глас. Над него стоеше Гологлавиот со раширени крилја, како да се готвеше да го заштити од некоја ненадејна опасност. Силјан лежеше во сенката на тие крилја. Топлина избиваше од нив и тој почувствува надежна благост, тивок навев надеж. - Биди благодарен што гравитацијата, сите нас, без разлика дали летаме, ползиме или пливаме, нè држи цврсто залепени за земја - рече Гологлавиот. Силјан се напрегаше да го протолкува она што го слушна. Ја меткаше реченицата, жилав залак што тешко се голта. Можеби затоа не се изненади кога птицата која стоеше над него со раширени крилја проговори, а во исто време му се пристори познат нејзиниот глас. -А летањето? - шепна Силјан, и самиот чувствувајќи бесмисленост во изговореното. Гологлавиот ги собра крилјата. Силјан сети како со шум се помести сенката од неговото тело, а со друг, поинаков шум, врз него падна светлина. Крикот што го испушти пред малку, оној што наликуваше повеќе на птичји отколку на човечки, сега ослободен, одлета во височините. - Летањето е исто така илузија - рече Гологлавиот. - Но за тебе, бидејќи си човек, многу работи остануваат нејасни. - И душите? - праша Силјан, тогаш несигурен дали е залепен за земја или лебди, дали сето тоа е сегашна вистина или вистина што доаѓа од друго време. - Ние не размислуваме на таков начин - рече Гологлавиот. - Мене ме интересираат жабите. - Жените? - праша Силјан кој не беше чул добро. - И женските и машките жаби. Незаменлив е некој згоен кркач - рече Гологлавиот и го отвори клунот во кој Силјан виде долг, црвен јазик. Жените, мислеше Силјан и се обидуваше да си спомене некоја. Од таму не доаѓаше ништо. Сè се претворило во матност. Темна преграда стоеше на таа страна. - Зошто не можам да се сетам? - праша Силјан - Немам ли минато? Почнувам ли сега? - Не биди дете - рече Гологлавиот. - Само децата поставуваат толку точни прашања на кои не може да се одговори. - Сепак, би сакал да знам? - Слушај - рече Гологлавиот и со клунот покажа некој правец. Силјан се напрегна. Бранови на голема вода, долу, далеку долу, удираа во карпест брег. Овде стигнуваше тивок шум. - Што е тоа? - праша. Исто така доаѓаа и други звуци. Измешани еден со друг, стануваа единствен, ехо на хорска песна. - Кое? - праша Гологлавиот. - Тој шум? - Ах, да. Ти не си во состојба да разликуваш. Заборавив на тоа. - А она? - Силјан покажа над себе. Сино, прозрачно небо се надвиснуваше до бескрајни длабочини. - Небо - рече Гологлавиот. - Си спомнувам - рече Силјан. - Ми се чини дека нашето беше поинакво. Ова е премногу отворено. - За нас е нешто друго - рече Гологлавиот. - За нас тоа е Пат. - А има ли конечност? Има ли граници? - Праша Силјан. Гологлавиот се загледа во него. - Ти ги допре - рече најпосле. - Не ме чуди што не си ги спознал. Голема е разликата меѓу нас. Човекот одгатнува скудни нешта. Тој не го разбира она што не му е по волја. Му дава смисла на она што го гледа, чувствува, мириса, вкусува. А за претпоставките?... - А вие? - праша Силјан. - Ние сме раководени и затоа посовршени. Кај нас постои ред и знаеме само за ред. Затоа никогаш не сме го претпоставиле хаосот. А вие го создавате. Во себе, се разбира, зашто надвор од вас не постои. Хаосот е во вашите глави, во вашите верувања, во вашите стремежи... Силјан слушаше со отворена уста. Ако зборовите влезеа во него, подобро ќе ги разбереше. Но тие удираа во празнина. Гологлавиот нишаше со вратот, еднолично, со ритам што доаѓаше од далеку, од вселената и од дамнешно време, како нишањето да сакаше да го претстави редот во космосот, на кој, ете, Силјан, бидејќи човек, не му припаѓаше. - Не те разбирам - рече Силјан. - Не ни очекував - рече Гологлавиот. - Ако разбереш, тоа може да го промени редоследот. Силјан се почувствува виновен. Требаше да се оправда. Да даде некакво објаснување. - Јас сум само прост селанец - рече. - Јас... - Знам - рече Гологлавиот... - Знам многу нешта и затоа сакам да се вратиш. - Да се вратам? - се зачуди Силјан. - Можам ли да се вратам? Зарем сè уште сум негде и постои можност за враќање? - Сакам да се вратиш и толку - рече Гологлавиот. - Секое излишно прашање може да $ наштети на намерата. - Од тебе ли зависи тоа? - праша Силјан. - Не многу. Или воопшто не - рече Гологлавиот. Силјан остана збунет. - Ти рече дека сакаш да се вратам. - Да. Сакам да се вратиш - свика Гологлавиот. Имаше многу сигурност во тој глас. На Силјан му стана јасно дека многу нешта, особено тој и сега, има некоја врска со Гологлавиот. Од каде дојде таа птица? Зошто разговара со него? Која е нивната взаемност? - Ќе ти објаснам. Кога ќе дојде време - рече Гологлавиот како да му ги прочита мислите. - Сега е ред на тебе. Ги рашири крилјата. - Чекај! - свика Силјан уплашен да не замине, да не остане сам. - Кажи - рече Гологлавиот. Силјан не знаеше што да каже. - Зошто ми помагаш? - рече најпосле. - Ти помагам? - се зачуди Гологлавиот. - Од каде таков впечаток. Заблуда. Нас не ни е дадено да си помагаме. Ние живееме во едно време, во еден простор, но со различни животи што сосем случајно можат да се допрат. Како со врв од пердув. Притоа размавта со раширените крилја. Еден пердув летна високо, зафатен од ветрето кружеше над нив и се спушти врз челото од Силјан што лежеше во калта. 4. Силјан лежеше во калта. - Јас не ти помагам - рече Гологлавиот. Ниту имам таква намера. Ако сакам да ти помогнам, решението е просто. Треба само да заминам, да се преправам дека не сум те видел, не сум те препознал. Треба да те оставам тука. Ете, тоа би било помош. Запазувањето на даденоста, на редоследот. Сè друго е надвор од поредокот. - Каде сум? - праша Силјан. - Каде си? - се зачуди Гологлавиот. - Зарем не си свесен за положбата? Ти не си никаде. - Не сум никаде? - се зачуди Силјан. - Просто - одговори Гологлавиот. Друг штрк во спирален лет кружеше над нив. Почна да се спушта. Силјан ги гледаше стомачните пердуви отпрвин низ магличав превез, потоа сè појасно бели. Слета во близина и застана на една нога. Стоеше долго, додека тие молчеа. Молчеше и штркот што стои, ама со едното око, едното стаклено птичјо око гледаше во Силјан. Нему, тој поглед му се причини поразличен од студениот, птичји. Во него имаше топлина. Потрепери. Дали од студот што го намовна, или од сеќавањето што ненадејно го обзеде. Отпрвин малку нејасно. Да, сеќавањето идеше од детството, од времето кога не беше ниту дете, ниту момче, да, кога можеби стануваше момче и кога потајно љубеше момиче. Стоилка. Секогаш носеше долга, бела ленена кошула, нозете $ беа тенки и боси. Слабичко, се чинеше лебди. Стоеше на височинката над ливадата, додека децата и тој играа, стоеше и гледаше со сјаен поглед што извираше од големите очи, како да не гледа само во нив, туку го опфаќа целиот свет. Во палавоста и безобѕирноста на детската игра, девојчето што умираше служеше ту за забава, ту за ругање. Смртта што ја опкружуваше го поттикнуваше детското љубопитство. Сите тие сакаа да умре, да ја видат поодблизу смртта, да го почувствуваат тоа нејасно, далечно, а сеприсутно нешто што немаше форма во детската фантазија. Стоилка што побрзо да умре, тука, пред нивните очи, да се соочат со таа нејасност толку многу содржана во претчувството. - Ваква ќе бидеш кога ќе умреш - рече едно од нив и пред нејзините нозе фрли штотуку задавено кученце. Децата прснаа да се смејат. Тој чин содржеше комичност. Стоилка не се помести. Гледаше во нив и високо над нив и многу подлабоко од тие височини. Погледот $ допираше до Створителот на сè што е видливо и невидливо и до створителот нејзин. Тој ги создаде совршенството и складот, а и нејзе и на сите други им ја намени и смртта. Стоилка умре. Одеше потоа Силјан до ливадата и гледаше упорно кон височинката сè додека не ја догледаше. Бела и нежна фигура, бела и нежна како птица. Сега му се причини дека пак ја гледа. - Која е таа? - го праша Гологлавиот. - Која? Силјан сè уште легнат во калта покажа кон штркот што стоеше на една нога. Гологлавиот ги крена рамената. - Ги има многу - рече. - Таа е млада женка, а јас не можам да се интересирам за нив. Мене ме интересираат жабите. Стоилка е, мислеше Силјан и сакаше да ја довикне. Се сети на големата неправда. Стоилка стоеше како и обично на височинката, а тие во ливадата играа бишка. Едно од децата фрли камен кон неа. Таа не се помести. Гледаше во нив, над нив и многу далеку со темните очи. За забава и другите деца фрлаа камења, се додека еден, каменот од најсилниот меѓу нив, оној истиот што пред нозете $ го фрли задавеното кученце, не ја погоди в глава. Стоилка се заниша. Не трепна, не се помести. Стоеше, но како да не ја допирше земјата гледаше во далечините. Потече крв. Од челото се слеваше по образите, надолу, по белата кошула. Децата, и тој, Силјан, се разбегаа, иако тој, Силјан, сакаше да се врати, да стори нешто, можеби само да ја избрише крвта од девојчинското чело, зашто тие две бои, белината и црвенилото што бликна од неа, не можеа да постојат заедно. Таа е, сега беше убеден Силјан гледајќи ја штрклицата. Посака да ја довикне. Уште долго, тој што ја погоди Стоилка, тој што подоцна стана селски овчар, се фалеше со прецизниот погодок и се смееше со отворена уста покажувајќи ги кривите заби. Силјан ја виде Стоилка откако умре, на мртовечката постела, побела од било кога. Значи тоа е смртта, помисли . Белината на лицето $ ја расипуваше браздичка на челото, трага од зарастена рана. Стоилка е, си рече Силјан. Се обиде да ја довикне, да го изговори нејзиното име. Од устата му излезе зарипнато кркорење. Птицата се заврте кон него, ја наведна главата и со клунот пробуричка низ тревата. На челото, меѓу челните бели перја, налик на трага, се издвојуваше црвен пердув што го нарушуваше совршеното белило на птичјата глава. Се обиде да се помести. Закован, не можеше да придвижи ниеден дел од телото. - Полека. Не брзај. За сè има време - рече Гологлавиот. - Кој си ти?! - разбуден од блажен полусон, налутено свика Силјан. Гологлавиот му ги тргна мислите од спомените. Мислеше на девојчето што го љубеше додека беше дете и кога стануваше момче. На нејзината бела кошула по која шуркаше крв. На нејзините очи и на погледот што завршуваше во бескрајот. На устата, на која постојано лебдеше насмевка, тажна и безнадежна. На гласот. Безживотен и полн горчина. - Ќе ти кажам - рече најпосле Гологлавиот. - Вие луѓето, се надевате. Вие не верувате во иднината. Само стремите кон бесмртност. Тоа ве крепи. Нас ни е јасно. Ние се придржуваме кон Правилото. Ете тука е големата разлика. - Не те разбрав - рече Силјан. - Не очекував. Тоа би го исклучило она што го реков. Силјан размислуваше. Од минатото до него дојде сеќавањето за Стоилка. - Свесен сум - рече Силјан. -Знам што се случи! - свика израдуван. Во мрачниот ѕид пред него, се отвори светла пукнатинка. Гологлавиот штракна со клунот и затропа со крилјата. - Тоа значи дека ја знаеш својата положба. - Не сосема - се поколеба Силјан. - Тогаш јас ќе ти кажам - рече Гологлавиот и го втера клунот под крилото. Веројатно така му беше удобно. Се задржа долго. Можеби задрема. Силјан исчекуваше. Сега му беше важен секој детаљ. Некаде на работ од мислата, како лесен пердув му лебдеше споменот на девојчето. На Стоилка што упорно стоеше на истото место. - Ајде стани - најпосле рече Гологлавиот. - Доста лежиш во калта. За чудо, Силјан без напор ја изврши наредбата. - Гледаш ли на што личиш? - праша Гологлавиот. Силјан се замисли. - Не личам на ништо - рече. - Ете тоа е важно - рече Гологлавиот. - Да знаеш на што си. - Немам сенка - се зачуди Силјан. Сонцето грееше. Силјан не ја чувствуваше топлината. Намовна. - Тоа не менува многу - рече Гологлавиот. - Што можам да очекувам? - праша Силјан. - Зависи - рече Гологлавиот. - Од што? - праша Силјан. - Од тебе - рече Гологлавиот. - Зависи што сакаш? - Да се вратам - решително рече Силјан. Гологлавиот молчеше. Стоилка стоеше на истото место. Како да беше заинтересирана за она што се случува, со едното око гледаше кон Силјан. Тој потрепери. - Го сакаш неможното - рече Гологлавиот. Нишаше со главата божем на тој начин ќе одгатнеше некоја мистерија. - Сепак, ќе сторам сè за да го оствариш. - Зошто? - праша Силјан. - Затоа што ти го должам тоа. - Не можам да разберам - рече Силјан. - Ќе разбереш и ќе се каеш - рече Гологлавиот. - Како што јас разбрав. - Не го сфаќам твојот долг. - Да те вратам! - свика Гологлавиот. - Тоа е мојот долг. Твоето проклетство. 5. Стоилка се помести на другата нога. Потоа застана на двете, се впушти во елегантен трк и полета. Шум на крилја и топол миризлив ветер стигнаа до Силјан. Ја гледаше воодушевено птицата, замаен од лесноста со која го освојуваше воздухот. Со тртните перја кормилареше и полека се извишуваше кон небото, кон небесниот врв, додека не се стопи со изѕирното синило. Како сето тоа да го направи заради него, заради неговиот магепсан поглед. - Животот е убав - кликна Силјан. - Грешка - рече Гологлавиот. - Животот е макотрпна должност. Јас тоа го искусив. Време е и ти. 6. Силјан никогаш не помисли дека ќе лета. Сега тоа се наложи. За него не постоеше друго решение. Само така е можно да се врати назад. „Ако полеташ, ако се претвориш птица. Штрк", рече еднаш, потоа, многу подоцна Гологлавиот додаде: „Одовде можеш да се избавиш само на тој начин. Нема друго". Притоа, за да го потврди реченото, со крајот од белото крило покажа кон далечините. Наместо показалец му послужи завршетокот на крилото, долг, црн пердув. А таму, каде што Силјан збунет и безизразен се вгледа во далечините, на крајот, на хоризонтот, требаше да биде морето што се бранува, бесно пенејќи се удира во назабените и извишени спили, издигнати високо угоре, за да нема пристан. Ете, во таква земја попадна Силјан, не по своја волја, ами по сопствена вина. Беше доба кога штрковите се подготвуваа за Пат. Насобрани околу мочуриштето, секој од нив, а ги имаше илјадници, брзаа да се нахранат, да соберат сили за далечините кон кои веќе со копнеж почна да погледнува и Силјан. Тие, освен Гологлавиот, и барем така му се чинеше и Стоилка, не му обрнуваа внимание. За нив не постоеше, беше отсутен, невидлив, нематеријален. На почетокот, пред да навикне, тоа го збунуваше. Но, не постави прашање, зашто се плашеше од неговата излишност. А, Стоилка? Ох, Стоилка. Како да сакаше да му даде на знаење дека сепак го забележала, дека има свест за него. Ако не таков каков што е, таков каков што себе си се претпоставуваше, каков што себе си се чувствуваше, барем како сенка, некакво наслутено присуство. Често задумана, застаната на една нога, гледаше во него со топчестото птичјо око. Гледаше долго, без да трепне. Со главата нишаше божем $ е обесена на конец кој еднаш испуштен, како нишало правеше еднолични движења. Дали и таа се согласи со Гологлавиот, Силјан да полета и да се врати назад, онаму од каде што неочекувано дојде овде? Дали тоа нишнување со малата глава требаше да означи одобрување, охрабрување, надеж, сомнеж, или, иронија? Дали знаеше дека летањето не е човечка особина? Таква дарба не му е дадена, таа помисла е илузија за уште некое време да се продолжи надежта како што тоа впрочем го прават луѓето? Силјан се измачуваше со вакви прашања но не смееше да му ги постави на Гологлавиот. Се плашеше од прецизноста на одговорот, се плашеше од нејасниот одговор. Не од двесмисленоста, туку од тоа што тој одговор можеше во себе да содржи и многу други прашања. Гологлавиот сепак можеби ќе дадеше некаков одговор, назнака или упатство. Силјан стравуваше од нешто друго. Да не ја изгуби единствената потпора од тој стар штрк што надмено вртеше околу. Да не ја изгуби надежта, зашто во тој штрк гледаше некоја врска со минатото, со минатиот свет. „Ако полеташ, ако станеш птица, штрк", му се моткаше низ главата реченицата што ја изрече Гологлавиот при едно собирање на јатото, заради договор пред Патот. Тој и Гологлавиот стоеја настрана и гледаа во морето птичји тела што се нишаше под афричкото сонце. Силјан го слушна и не се изненади. Не го збуни таа идеја изречена спокојно и едноставно, како да стануваше збор за некое секојдневно, банално дејствие, како летањето да е проста постапка, попроста и од движењето по земја. Тогаш не помисли на кројката на своето тело, зграбено од тежата, осудено вечно да се влече по тлото. Не помисли дека на луѓето не им е судено да летаат. Тоа требаше да го знае Гологлавиот, си рече еднаш, многу потоа, кога почна да го гризе сомнежот. Можеби Гологлавиот се подигрува со него? Можеби има таен, пакосен план? Од минатото, од нивните предци, од нивното постоење, им доаѓа говор, информација; човекот никогаш не летал и никогаш нема да лета. Тоа би изменило сè. Ќе го нарушеше одамна воспоставениот поредок и ќе создадеше друг распоред, различен од тој што постоеше од секогаш, можеби никаков распоред. Хаос. Се обиде да се сети на некаков пример, некое сеќавање, легенда. Никој во неговото село, па и во градот, во меаните каде што поминуваше денови и денови, каде што се раскажуваа најразлични приказни и сторенија, не се сеќава да беше споменато некој некаде да летнал. Татко му раскажуваше приказна за некое проклетство, за две проколнати деца што се претвориле во птици. Но, тоа беше само приказна, ништо реално немаше во неа. Размислувајќи така, сфаќајќи ја илузијата на таа помисла, наеднаш срцето му затупте. Па јас сум летал, сум летал. Имам такво искуство. Со поглед го побара Гологлавиот за да му ја соопшти веста. Тој, настрана од другите штркови, секогаш беше подалеку од нив, ловеше жаби. Силјан се сети на соништата. Доаѓаа во ведри ноќи при полна месечина, во тивка полноќ. Сè беше потонато во чудесен мир, нестварна тишина, а Силјан мислеше дека го слуша само мекиот шум на белите облачиња наснопени околу месечината, трепетот на сопствените крилја и струењето на воздухот околу телото. Шумот на неговите крилја? Не. Во тој лет во сонот, Силјан не се претвораше во птица. Леташе таков каков што е, и летот секогаш траеше кратко. Колку и да сакаше потоа, низ некаква магличава свест-полусвест да го повтори, одново да го доживее, не успеваше. Остануваа залудни напрегања. Летањето во сонот доаѓаше само од себе. И тоа, краткотрајно и неовоземно искуство, донесуваше чудесно чувство. Летањето во сонот престана тогаш кога Силјан го напушти детството, можеби кога Силјан мораше сам да ги бара неовоземните задоволства, а не тие сами од себе да му доаѓаат. Се сети сега на тоа дамнешно летање, или подобро, не на летањето, туку на благопријатноста, на прекрасниот бестелесен миг, на отсуството на сè друго, освен на блаженство. Кога потоа, низ животот, трагаше по слично доживување, кога ги осознаваше земните задоволства бегајќи од стварноста, од вистината, кога теран од некоја потреба на која не можеше да $ се спротиствави бегаше подалеку од татковото огниште, од жена си Неда, од синот Велко, секогаш, силно и поривно, од некои длабочини, му се јавуваше потребата за летање. Можно е затоа судбината да го донесе овде, во овој друг свет, ете сега, за да го доживее новото искушение и навистина да го оствари сонот за летање. Му навираа сеќавања од минатото. Најпрвин, тој неовоземен миг, одлепувањето од земјата, ослободувањето на телото од сопствената тежина, онаа што секогаш влече надолу, кон гробот. Оживеаја и други спомени што пак му го поматија чувството за стварност и нестварност, за јаве и за сон. Двориштето од селската куќа низ кое чепкаа кокошки, куќата од кал со сламен покрив, а горе, штрковото седело. Тоа се слики од минатото, тогаш кога беше среќен. Среќен? Сите сме во потрага по среќа, мислеше Силјан, гледајќи ги штрковите во неизмерното задоволство од изобилието храна. Достоинствено цапаа во барата и повремено ги нурнуваа клуновите во разматената вода. Тој, мислеше сега на себе, понекогаш успеваше да оствари нешто налик на среќа. Тоа се случуваше во детството, кога леташе во сонот. Ете, тоа беше среќа. Потоа, кога одеше кон височинката на која стоеше Стоилка и кога долго по нејзината смрт доаѓаше на истото место и успеваше да ја врати сликата од девојчето, нежна и бела, како птица што се лулее во воздухот. Потоа, во деновите на младоста, кога одеше в град и седеше по меаните и ановите, или љубуваше некоја од евтините жени што се подаваа за малку пари. А летањето во сонот беше краткотрајно и секогаш на истото место. Од горната дрвена скала пред чардакот, до најдолната. Беа пет или шест скали. Се обиде сега, подзамижувајќи, да се сети на тие скали, да ги преброи. Само толку, но сепак доволно тој краткотарен лет да претставува совршенство, безвременски и безпросторен чин. И тогаш, неочекувано, пред насобраните, сред јатото, пред погледот на Гологлавиот и пред Стоилка што малку понастрана, ама сепак тука, чепкаше со клунот низ шамакот и во калта, извика: - Јас веќе имам летано! Иако имаше сигурност во изговореното, само нему му прозвучи веродостојно. Другите, околу него, не се поместија. Со ништо не оддадоа дека го слушнаа тој вик, таа глупост, што секако ќе требаше да претставува навреда за нив. Можеби на таков начин сакаа да го покажат презирот кон него и кон изговореното, оти во нивната свест не постоеше лага, не постоеше фантазија, немаше сон. Како да сакаа да го измеат, да речат: „Човекот ниту летал, ниту ќе лета некогаш". Наместо да ја поправи грешката, наместо изговореното да го престори во шега или пак да покаже каење, Силјан во збунетоста направи друга. - Сум летал! - свика. - Сум летал! - викна погласно кон тие што си ја гледаа својата штрковска работа и не му обраќаа внимание. Погледна околу, во неможност да ја разбере тежината на грешката. Она што го рече за нив можеше да значи подбивање. Со долгите нозе и испружени вратови цапаа во барата. Тие сигурно не можеа да ја разберат тежината на мигот во кој се најде Силјан. Впрочем, тие немаа чувства. А тој требаше да полета, да се врати. Одлуката можеби зависеше само од него. За нив не постоеше таква дилема. Силјан е тој што се прекршуваше во себе и затоа изговореното не значеше ништо друго освен самозалажување. Меѓу луѓето сигурно тоа ќе прозвучеше поинаку. Некој ќе го разбереше, ќе сочувствуваше со него. Сакаше да се убеди дека чинот пред кој е ставен, е едноставен, дека тој еднаш, макар и во сонот, го искусил. Гологлавиот му пријде со ганѕав од. - Престани, Силјане, да го кривиш вратот, зашто личи на ругање. Тоа го правиш толку невешто, па изгледа смешно. Силјан се обиде да изусти збор со кој ќе се оправда, збор што ќе ја измени ситуацијата. Гологлавиот го запре. Му даде знак да молчи. Пердувите на темето му беа искубани и се гледаше темноцрвена, наборена птичја кожа. Така обележан меѓу луѓето ќе имаше некој потсмешлив прекар. Овде, никој, освен Силјан не обраќаше внимание на тоа. - Слушај - рече Гологлавиот. - Јас не очекував којзнае што од тебе, не очекував дека ќе разбереш во светот што е неразбирлив за луѓето, но барем требаше да се прилагодиш. - Да се прилагодам? - се зачуди Силјан. - На што? - На светот - рече Гологлавиот. - На овој свет. Пак неодредено со крајниот црн пердув, завршетокот на крилото, покажа некој правец. Силјан погледна натаму и божем разбра, климна со главата. Почувствува дека вратот му е потенок и главата несигурно се држи на него. - Инаку не ќе можеш да опстанеш - рече Гологлавиот. Да опстанам? - мислеше Силјан, барајќи го значењето на зборот. Гледаше во далечината, а очите му догледуваа друга перспектива. Околината стануваше валчеста и водлеста. Сакаше да ја види Стоилка, нејзиното бело, сјајно перје. Не можеше да ја идентификува во мноштвото што се нишаше пред него, се мешаше и мрешкаше како вознемирено море. А сега, во овој прекршителен момент му беше потребна. - Ќе се обидам да те разберам иако тоа е мошне тешко ќе успеам во тоа - рече Гологлавиот. - Ние сме два света. Никому не му е допуштено од едниот да влезе во другиот. А еве, сега, треба да се прекрши правилото. Јас ѕирнав во твојот. Ти веќе се обидуваш да ѕирнеш во мојот. Можеби некаде ќе се сретнеме. За тоа има голема причина. - Која е причината? - праша Силјан. Навистина, не му беше јасно зошто тој штрк, Гологлавиот, му се доближи, го ослови и му проговори со разбирлив јазик? Зошто ниту еден друг од мноштвото не го направи тоа? Зошто Гологлавиот секогаш е подалеку од другите штркови и зошто тие, како ни нему, не му обраќаат внимание? Најпосле, зошто му помага, зошто сака да го врати? Зошто да му ја предаде тајната на летањето? Најпосле зошто е доведен овде, во овој свет, во кој тој, Силјан е најверојатно жив, гледа, а како да не гледа, разбира, а како да не разбира, постои, а како да не постои? 7. - Ќе ти кажам - рече најпосле Гологлавиот. - Го чував тоа кажување за подоцна, можеби откако ќе се подготвиш. Праведно е сега да знаеш. Така, полесно ќе се одлучиш. Зашто одлуката ќе треба да биде твоја и непоматена од заблуди. Можеби ќе го прифатиш Патот - покажа кон небото, можеби ќе го отфрлиш Патот - покажа кон земјата. Пак со крајниот црн пердув од белото крило покажа кон небото и остана во таа положба. Силјан го гледаше долго. Личеше на распнат штрк, статуа од алабастер. Погледна горе. Речиси го заслепе сјајното сонце во Африка. - Нашите судбини се допреа - рече Гологлавиот, откако ја напушти претходната положба. Гордо стоеше исправен на двете нозе и со истегнат врат, како петел што се токми да кукурика. Потоа ја пикна главата под крило, како кокошка што се токми да спие. Така остана извесно време сакајќи да направи впечаток, или божем таму, во сопствените пазуви бара нешто. Најверојатно задрема. Или премислува, бара зборови. Ја извади главата од под крилото и извика: - Јас сега сум штрк, исто толку, колку што си ти сега човек. Или обратно. Или можеби, а тоа е најверојатно, јас и ти сме ништо. - Не те разбирам - рече Силјан што се обидуваше да ја сфати смислата на играта со зборови, но уште повеќе, да продре до значењето на гестовите од пред малку. Сето тоа заедно требаше да создаде единствена слика. - Полека - рече Гологлавиот. - Јас и ти, секој сам, двајцата заедно, сега, можеби сме ништо. Силјан ја отвори устата, што му се причини, во овие околности му се издолжуваше, а усните стануваа тврди. - Настојувај да не ме прекинуваш - нервозно изусти Гологлавиот. Сакаше да си даде значање. Со очињата, божем се стрелки, настојуваше да продре во Силјан. Кога беше убеден дека паузата е доволна, рече: - Ти мислиш дека тебе ти го должам мојот живот? Силјан не разбра. Алузија, предизвик, ономатопеја. Последните зборови се отегнаа, како писок на чајарник заборавен долго време на силен огин. - Не те разбирам - рече Силјан обидувајќи се да ја сфати смислата на бесмисленото. Во исто време не сакаше со ништо да оддаде дека од ова што го чу, трпки му полазија по кожата. - Не ме разбираш? - божем се зачуди Гологлавиот. - Сепак ќе мораш. Ти мислиш дека тебе ти го должам мојот живот? - Обратно ќе е - рече Силјан. - Можеби јас тебе... - Не прекинувај ме! - свика Гологлавиот. - Тешко ми е да се враќам назад, во очајот. Се сеќаваш ли на штркчето што го најде во дворот? Штркчето што умираше? Силјан се обиде да си спомене. Да. Тоа беше пред многу години. Лето. Пеколна жега се надвисна над селото. Голуждраво, штотуку изведено штркче подзинуваше на сонцето. „Треба да паднало од седелото", помисли Силјан. - Ти ме подигна во мигот кога умирав, кога се извршуваше Законот - рече Гологлавиот. - Каков закон? - се зачуди Силјан. - Во мигот кога се воспоставуваше Редот - рече Гологлавиот. - Ми даде вода и ме врати во седелото... - Точно - рече Силјан кому во сеќавањето му се врати дамнешната слика. - Другиот ден, откако те вратив во седелото, пак те најдов на истото место, под стреата. Не знаев дали е тоа штркчето од претходниот ден, или друго штркче. Па, малите штркчиња личаст како јајце на јајце... - Не мудрувај. Тоа бев јас - рече Гологлавиот. - Веќе не ме врати назад, туку ме засолни во плевната. Да. Се сеќаваше Силјан. Тогаш беше зачудено, збунето дете. Нејасно загледано во животот. Го хранеше штркчето, то полека закрепнуваше и се облекуваше во пердуви. Сакаше да го порасне, да почне да лета, да го врзе со конец и да им го покажува на селските деца. - Но не го стори тоа - рече Гологлавиот како да му ги прочита мислите. - Како што растев, ти станував мил. Ме чуваше. Ми носеше скакулци, гуштери, жаби. Брзо напредував, побрзо од моите браќа што останаа во седелото. Тие требаше да живеат, а јас да умрам. Таков беше Законот. Оттогаш ми остана келава. - Се обиде да покаже на голата глава. - Овде никогаш не ми израснаа пердува, зашто мајка ми пред да ме исфрли од седелото неколку пати ме клукна по глава. - Не разбирам - рече Силјан. - Не разбираш?! Ниту тогаш разбираше, ниту сега некои обични нешта не ти влеггуваат в глава - рече Гологлавиот. - И ете го, стравичниот судбински час. Моето проклетство. Гологлавиот замолче и се загледа во некоја точка. Се сеќаваше на минатото. Силјан очекуваше објаснување. Ако е тоа тој штрк, а тоа ќе беше тој, зашто ни тогаш на темето не му израснаа пердуви, требаше нему, на Силјан, да му биде благодарен што оостана жив, што сè уште живее. - Не сум ти благодарен, Силјане, - рече Гологлавиот. - А за што да ти бидам благодарен? Затоа што станав ништо за дефинитивно да бидам ништо? За тоа ли? Силјан не знаеше што да одговори. Не можеше во сето ова да најде смисла. Гологлавиот го сфати тоа и се обиде да му појасне: - Таа година се испиливме три штркчиња - започна Гологлавиот. - Настапи невидена суша. Нашите родители од зора до мрак бараа храна. Ја имаше сè помалку. Гладувавме. Со денови ги подигавме главите од седелото и врескавме со ширум отворени клунови. Таа ноќ родителите се вратија без храна. Не залажуваа со плунката од влажните клунови. Долго се советуваа, додека ние се превиткувавме од глад. Се мачеа да ја донесат Одлуката. Бевме свесни за тоа и исчекувавме во ужасен страв. На кого ќе падне изборот. Кој треба да умре, а кој да живее. Тие се одлучија за мене. Бев најслаб, со најмалку можност да преживеам во таа гладна година. Требаше да се изврши Законот. На изгрејсонце тоа го стори мајка ми. Како $ беше на срце, не знам. Но, Законот е над срцето. Со клунот ме туркаше од седелото. Се опирав со моето слабо тело. Очајнички пробав да се задржам на гранките од седелото, во близината на можноста да преживеам. Останав на сламата од покривот на твојата куќа. Ден - два. Седелото ми беше на дофат, но јас нејак, не можев да се искачам до него. Умирав полека. Родителите доаѓаа и носеа храна за браќата. Го отворав клунот, ја подавав главата, испуштав папсани гласови, молев. Тие не ме забележуваа. А знаеш ли зошто? Го извршуваа Законот што е над сите нас. Јас не постоев веќе, бев ништо. Тоа беше најстрашното чувство. Те нема. Ти ме најде, кога веќе не можев да се држам на сламата, кога умирав и лесно ветре ме симна од покривот. - Сфаќам - рече Силјан. - Ама ти порасна. Стана убав штрк, голем, поголем од другите во околината. Јас оддалеку те познавав по келата. - Започна да се извршува проклетството заради прекршувањето на Законот - продолжи Гологлавиот како да не го слуша. - Јас не постоев. Бев избришан од сечие сеќавање. Ме немаше во мојот свет. Упорно сакав да им се приближам. Ниту мајка ми, ниту татко ми, ниту моите браќа немаа свест за моето постоење. Ниту колективот. За јатото не постоеше таков штрк. Не бев ни привид, ни сенка. Вистинскиот јас, оној што беше подложен на логиката на Законот, одамна исчезна од сечија меморија. Не бев ни парче од минатото. Живеев само заради сопственото живеење. Не почувствував женка, не се израдував на пород. При преселбите летам сам, далеку од другите. Го следам шумот на нивните крилја. Еве и овде - покажа на штрковите во мочуриштето - јас за нив сум Ништо. Ме нема. Разбираш ли? Не постојам. Силјан се замисли. Многу нејаснотии останаа да треперат во воздухот. - Но, јас... - заусти Силјан. - Точно - го прекина Гологлавиот. - Според начинот на кој гледаат луѓето, ти ме избави. Но какво право имаше да се замешаш во мојата судбина, а со тоа и во општата судбина, во правилото, во поредокот? Стана одговорен за мене, за сè што ми се случи, за сè што ми се случува. За ова што сум, за ова Ништо. Покажа на себе. - Јас те гледам - рече Силјан. - Значи постоиш. Гологлавиот горчливо се насмеа. - Ете, тоа ќе ти биде тешко да го разбереш. Можеби и мене ми е малку поматено, нејасно. Пред сè, зошто провидението направи пак да се сретнеме? Треба ли да го завршиме започнатото? Ти еднаш го прекрши Законот. Без свест, без да знаеш. Сепак, го наруши поредокот. Она што е над нас, воспоставено и беспоговорно. Сега редот е на мене да го направам истото. - Што да направиш? - се исплаши Силјан. Погледна околу. Како да се наоѓаше во некоја опасност и од некаде очекува помош. Ништо не беше изменето. Само Стоилка поткачена на една височинка, огреана од сонцето што заоѓаше, бела и неподвижна како гипсена фигура, гледаше кон него. Силјан сакаше да $ викне, да ја ослови, да потрча кон неа. Глас не излезе од него, нозете му беа од олово. - Што да сториш? - го повтори прашањето. - Што треба да очекувам? - пропелтечи Силјан со страв. - Исто што и ти. Да го прекршам Законот и да те вратам назад. Силјан зјапаше во него. Сонцето заоѓаше и фрлаше црвеникава светлина по јасното небо, светлината паѓаше и се спростираше во недоглед по пределот. Од очите на Гологлавиот изби блесок. Одмазда ли е ова, помисли Силјан. - На тебе е да одлучиш - рамнодушно рече Гологлавиот. - Тука си во предност. Мене не ми остави избор. Јас не можев да одлучувам. Само се борев за живот. Ах, каква е таа потреба од живот по секоја цена!? - викна Гологлавиот. - Животот е убав - тивко рече Силјан и со поглед ја побара Стоилка. - Тоа го кажа еднаш - рече Гологлавиот. - Меѓутоа, колку и да повторуваш не ќе добие ново значење. Не барем општо значење. Значење само за тебе. Тоа е само лично гледање и дел од вкупната заблуда. Силјан мораше да се согласи. Барем што се однесува до заблудата. Единствената надеж, некоја искра до пред малку, беше Гологлавиот. Тој можеби навистина имаше начин да го врати во неговиот свет. Кој е тој свет? Да размисли. Да ги поврзе нештата. Од тие испокинати парчиња да состави целост. Нешто опипливо, нешто со значење. Сето тоа што се случи, што се случуваше, што се случува, да се постави во некој редослед. - Слушај! - рече Гологлавиот благо, со нотка на утеха во гласот. Како да имаше моќ да му ги чита мислите. - Сите ние доаѓаме од некое Ништо и одиме натаму. Кон тоа исто Ништо. Поинаквото толкување е само прашање на личен избор и на степен на заблуденост. Треба да знаеш дека само во мајчината утроба живееме во вистински склад со природата. Сè друго натаму е обично недоразбирање. Општење со нешта што се надвор од нас и во кои не сме подготвени да менуваме. А тоа што ќе го мениме, станува привид. - Зборуваш како човек, а не како птица - рече Силјан. - Јас сум бил во мајчината утроба, ти си од јајце. - Точно - рече Гологлавиот. - Го потврдуваш она што го реков пред малку. Зборувам за принципот, а не за формата. Таа е неважна. Ако сакаш да се вратиш, ова мораш да го имаш на ум. Се разбира, ако не сакаш да останеш овде каде што си ништо и дефинитивно ќе бидеш ништо. - А таму? - наивно праша Силјан. - Ми го постави ли ти мене тоа прашање тогаш кога ме подигна од прашината во дворот? Силјан не одговори. * * * Над Етиопија се спушташе мрак. Од далечината, од бескраниот предел, дневните шумови ги заменуваа звуци на ноќта. На другиот крај, бескрајното мочуриште се подготвуваше за ноќниот вревлив живот. Меѓу папирусот, на работ од водата, штрковите бараа безбедност за ноќниот одмор, подалеку од устите на крокодили. Стоилка треба да беше тука. Постои ли, или Силјан ја измислува? Ако е вистинска, ќе мора да му даде некаков знак. Тогаш ќе му биде полесно. Сепак, кога ќе ја догледаше таа птица, Силјан се обеспокојуваше на еден, а се успокојуваше на друг начин. Ја виде и сега, на работ меѓу денот и ноќта. Од височините, огреана со зраците од сонцето што заоѓаше, во спирален лет се спушташе кон него. Горе, високо горе, краевите од пердувите $ беа вжарени. Подолу, се изгуби во мракот. Силјан гледаше со подотворена уста. Го почувствува нејзиното присуство кога се спушти во близината. Му се причини, меѓу илјадници други го препозна шумот на нејзините крилја. Каков знак ќе беше тоа? Погледна на таа страна. Нечии стаклести птичји очи, во претсониот миг, беа втренчени во него. Да не се полни прекор? Или пак можеби го куражи, го сили, го поттикнува за да ја донесе одлуката. Птичјите очи сè уште беа вперени во него и тој веќе не можеше да го издржи упорниот поглед. Болка, болка несетена и неузнаена дотогаш, проструи низ неговите гради. Ах, колку ќе беше важно ако знаеше со сигурност дека таа е Стоилка, Стоилка од неговото детство. Чинеше дека за разлика од другите безизразни птичји очи околу него, во нејзините има трага од топлина, некоја нагласена влажност. Тоа ќе беше значајно. - Ама ти, не слушаш што ти зборувам - речиси викна Гологлавиот штракајќи со клунот. Така штракаше кога беше лут. Силјан воздивна. Зарипната воздишка му се откина од градите и мора да стигна до Стоилка, зашто таа се помести, застана и на другата нога и полека, нишајќи се, се изгуби во мракот. - Доцна е за воздишки и за каење - рече Гологлавиот. - Јас и ти имаме многу работа. Тргни по мене. 8. Да тргне по него? Со долги и достоинствени чекори Гологлавиот одеше напред. Силјан, од страв да не го изгуби, залепен за пердувите на неговиот опаш, поттрчуваше. Му се пристори дека некој ги следи, но не се осмелуваше да се заврти, да погледне зад себе. Тоа е Стоилка, мислеше. Сакаше да биде таа, веруваше во тоа. Таквата претпоставка му влеваше храброст. Небаре очајник во пустина кој наеднаш согледува дека не е сам. А можеби таа не е заинтересирана за него, можеби сето тоа што Силјан го забележуваше, беа случајни знаци? Сепак, за него доволно е што таа тргна по нив, за разлика од другите, незаинтересирани штркови раштркани по мочуриштето во вообичаениот лов. Можно е таа, Стоилка, случајно неколкупати да го искриви вратот кон него. Понекогаш, упорно стоејќи на една нога, барем едното птичјо око го вперуваше во него и го гледаше долго, невообичаено долго за еден штрк. Дали, исто така, беше случајно повременото штракнување со клунот „кљак-кљак" што доаѓаше до него, а тој го препознаваше меѓу илјадници други? Не му беше ли тоа нему наменето? Тој звук имаше општо значење, поточно, имаше многу значења на јазикот на штрковите што Силјан не го разбираше. Сега, кога едно такво штракање стигна до него, кога тој го препозна меѓу стотина други, го преведе: „не плаши се Силјане", зашто во едно „кљак-кљак", му се пристори, се вметна и едно „с" и прозвуче како „ксак-ксак". Ксак - ксак! Не е ли тоа знак, сигнал? О, тоа ќе беше мошне значајно за Силјан. Не само надежно, туку и насочување кон вистинскиот излез. Нему му требаше поддршка, охрабрување, а можеби и друго, можеби малку љубов. Тоа ќе значеше дека не е сосема сам. Гологлавиот некаде погрешил, некаде се излегло од редоследот и се тргнало во друг правец. Ако сето тоа се одвиваше така како што претпоставуваше или толкуваше Силјан, ако Стоилка сепак изразуваше некакво чувство кон него, или барем ако имаше свест за него, тоа ќе мораше да означи зародиш на пријателство или, љубов. Не. Не требаше да му навираат такви смели мисли што го одвлекуваа од реалноста, сега, во време кога е нужна присебност. Тие, тој и таа, беа различни светови. Таа штрк, тој човек? Ниту тој можеше да влезе во нејзиниот, ниту таа во неговиот. А во иднината? Каква иднина има Силјан? Што има пред себе? Пред него одеше Гологлавиот со оној костоперен штркски од. Силјан побрза да го стигне, зашто додека мечтаеше, или, се обидувше да влезе во некоја друга стварност, тој, Гологлавиот, се оддалечи. Црниот пердув на крајот од опашот повикуваше по Силјан со ритмично нишање ваму-таму. Мораше да го следи. Сè друго, можеби, ќе беше кобна грешка. Оти Гологлавиот му се обрати во првиот миг кога Силјан лежеше во празното Ништо, во бескрајната темнина на ништото. Тој му проговори. Дали тоа беше говор, или друг начин на општење? Сеедно. Сега тоа нема значење. Важно е што Силјан го разбра тој говор, го разбираше и сега. Тогаш, Гологлавиот надвиснат над него, со раширени крилја, речиси допирајќи го со клунот, му рече: - Што се случило со тебе, Силјане? Помина време додека Силјан ја подрастргна бескрајната леплива темнина во која беше потонат и низ темна магла ја догледа птичјата глава. Не се изненади. Сигурно затоа што тогаш немаше чувства. Излегувајќи од таа празна темнина, полека, како да се лизга низ блага, бесконечна рамнина, или се нишка на леки бранови на тајното море на минатото, го чу тој глас, писклив, но сепак звук, благ, благозвучен, смирувачки. - А!? Значи така - рече штркот, што подоцна, многу подоцна, Силјан ќе го нарече Гологлавиот. После, многу потоа, Силјан се прашуваше дали навистина го разбра тој глас, дали гласот се претвори во разбирлив говор, дали воопшто постоеше глас, дали тоа беше говор? - Многу си загазил - му рече тогаш Гологлавиот. - Одовде нема враќање. Сега молчејќи одеше по него. Силјан одамна ја изгуби мерката за време. Можеби затоа што овде не постоеше време. После, многу потоа, разбра зошто Гологлавиот го знае неговото име. Силјан спасителот. Тој што ја имаше илузијата дека го спаси штркчето, тој што очекуваше штрковите да му бидат благодарни за великото дело. А што направи тој? Се замеша во Законот, закон за чие постоење, тогаш, не знаеше, Законот што еве сега се обиде да му го објасни Гологлавиот. Каква врска има тоа со мене? - се праша Силјан. - Јас сакам да се вратам. Какви се тие закони за отфрлање, за неприсуство во светот што те одрекол? Оддалеку се огласи „ксак-ксак", да, убаво слушна „ксак" наместо „кљак", наместо нормалното штркјко „кљак". Не можеше да не се заврти и покрај опасноста да го изгуби чекорот со Гологлавиот и со тоа дефинитивно сам да одлучи за својата судбина и на сето тоа што можеби имаше можност да му се даде друг редослед, да се измени во негова полза, да стави точка. Виде слика од која срцето му затрепери. Стоилка се оддалечуваше занесено следејќи нешто во тревата, нешто многу важно во нејзиниот птичји живот. Голем скакулец, полжав, или гуштер. Кога пленот $ беше во клунот и откако со сласт го проголта, потрча задоволна, ги рашири крилјата и се вивна во грациозен лет, прелетувајќи точно над неговата глава. Гледаше по неа сè додека не стана темна точка на синото небо. Значи тоа „ксак" што го чу пред малку не му беше нему наменето. Тој го измисли. Се претвори во една малечка но значајна радост. Илузија. Потоа болка. Илузијата и болката ги имаше и во поранешниот живот, но никогаш налик на овие овде. Потрча по Гологлавиот, го стигна и се прилепи за неговиот опаш. Пределите низ кои минуваа беа чудесни, невидени дотогаш, нови за Силјан и тој, немирен по дух и љубопитен по природа, во други околности ќе ги доживееше поинаку. Сега не ги гледаше, не ги забележуваше, или пак и ги гледаше и ги забележуваше, но тие во него не добиваа смисла. Подоцна, многу подоцна, ќе му се вратат како живи слики и колоритни, ќе изронат и звуците што дотогаш не ги слушаше, или, не му значеа ништо. Подоцна, многу подоцна, ќе си спомене и за мочуриштето по чиј раб, меѓу зелениот и буен папирус, околу локвените и водените зумбули, вриеше од живот. Огромни водени коњи и ситни, одвај, видливи полжавчиња, радост за штрковите, антилопи, мочуришни мунгоси, жолти чапји, многуперки, орели-рибари. Подоцна, многу подоцна, си спомна за бескрајната трева, за пределот по кој многуте звуци како да се слеваа во еден, создаваа чудесна арија. Подоцна, многу подоцна, си спомна за тревата што полека се засушуваше и за жешкиот пустински песок. Подоцна, не тогаш, тој ја почувствува пеколната врелина на пустината и нејзиниот пеколен студ, што, додека иташе зад Гологлавиот, не му значеа ништо. Низ мислите постојано му се меткаше Стоилка, ту јасно, ту заматено, ту Стоилка од неговото детство, ту Стоилка што ја сретна овде. Веруваше дека е тука, во близина и ќе се појави во следниот миг за да го охрабри. Подоцна, многу подоцна, Силјан се сети на свежината на навевот што дојде од далечината пред нив, и наместо песок, во ноздрите му донесе мирис на јод. Тогаш, сето тоа за него немаше значење. Можеби не гледаше, можеби не слушаше. Само го следеше црниот пердув пред себе, завршетокот на опашот од штркот, што стана значаен дел и единствена смисла на неговиот живот. Мислеше и на Стоилка, се разбира. Дали таа ќе можеше да измени нешто? Дали ќе им дадеше нов редослед на настаните што следуваа? Дали можеше да биде дел од неговата иднина, се разбира, до колку има иднина? Такви и многу други прашања, измешани и во неред, испреплетени едно во друго, се меткаа низ главата на Силјан. На пример: Беше ли тоа стварен свет во кој се најде или само дел од сон, некое големо парче од животниот сон? Го имаше ли? Постоеше ли? Телото речиси не си го чувствуваше. Не знаеше дали се движи по земја или лебди во прозрачниот воздух. Сенка или нејзин остаток. Во некоја друга реалност го врати крик на орелот-ловец и тој стравичен писок го ужасна. Од него, во лет смрзнуваа птиците. Затрепери и се припи до Гологлавиот. Помисли на Стоилка. Каде ли е сега? Да не е случајно на патот на тој ѕвер од облаците? Тој страв, не беше ли тоа знак дека и тој е птица, или наблега натаму. Тој, Силјан, човек, се преплаши од орелот тргнат во лов. Да не нè беше сосема човек? Стигнаа до морето. 9. Морето. Во далечината водата се граничеше со небото. Силјан немаше претстава за простор, за пространствата. Или имаше некоја нејасна, како човек. Селанец, во едно минато време, го чувствуваше просторот како безредие во кое треба да се воспостави ред што луѓето ги прави среќни. Да се ора земјата. Да се посее. Да се ожнее. Потоа, да ја покрие снегот. И пак така. Шумата да разлиста и да раззеленее. Лисјата да пожолтат и да паднат оставајќи ги голи и самотни гранките што стрчат кон намуртеното небо. Потоа, пак тој едноставен круг. - Луѓето имаат свест за себе и затоа се несреќни - му рече еднаш Гологлавиот. Силјан отпрвин не обрати внимание на изреченото. Мислеше, Гологлавиот сака да мудрува. Но, ова, за свеста и за несреќата, не е туку-така, му стана значајно. Дали тој, Силјан, имаше свест, дали сè уште е човек? Подоцна, после, откако ќе стане птица, ќе сфати дека сè е средено пространство, дека сè има облик, свое место, значење и одговорност кон другото. Безредието и редот, тоа се измислици на луѓето, со презир мислеше, многу подоцна, додека на африканското ноќно небо ги гледаше ѕвездите, поинакви отколку во неговиот крај, овие, овде за него, со туѓ распоред и сјај. А човекот, има ли тој некакво значење наспроти ова огромно пространство, помисли. 10. Стоеја, тој и Гологлавиот, на работ од спилата што стрмно се спушташе кон запенетата вода. Брановите долу, со тресок удираа во карпите. Гологлавиот шеташе ваму-таму, одбирајќи погодно место за лет, за Силјановиот прв лет. Со страв се вслушуваше во бучењето на брановите, во ветерот... - Овде - најпосле рече Гологлавиот. Штркот ги рашири крилјата, замавна неколку пати и се вивна над водата. Лебдеше во совршен мир. Потоа со мало движење на тртните перја се стрмоглави кон морето. Силјан замре. Речиси ги допре запенетите бранови, мигум се исправи, го израмни телото, ги оптегна крилјата и заедри над морето во тивок лет. Далеку, во височините, направи круг, втор, трет. Со секој круг сè повеќе се извишуваше, стануваше помал, губејќи се во синилото на прозрачното небо. Онака како што се искачуваше, во спирален лет, се спушти кон брегот. Ретко замавнуваше со крилјата и тоа, како што му се причини на Силјан, не од потреба да се одржи во воздухот, туку за да направи мала исправка на правецот и на брзината. Шумно се спушти до него. Гордо ја исправи главата. - Ова ти е првата лекција - рече. - Сега е ред на тебе. - На мене? - се стаписа Силјан и погледна кон бездната. Морето ревеше. Јато галеби, како мали бели сенки играа над брановите. До него стигнуваше по некој птичји писок. - Ајде! - рече Гологлавиот, како да стануваше збор за некоја обична, секојдневна работа, вообичаена постапка што Силјан од човечки инает не сака да ја изврши. Со разнишани нозе, премален, стоеше на работ од пропаста. Отсутен од околината гледаше во една точка од морето, во белиот 'рбет на еден бран што еднолично се повторуваше. Ни на крај од умот не помислуваше да полета. - Погледни уште еднаш - рече Гологлавиот, речиси со презир во гласот. Летна. Ја повтори истата постапка од пред малку. Ги рашири крилјата, $ се предаде на струјата. Таа го потфати, го издигна. Навалувајќи се де на едната, де на другата страна направи неколку кругови, залебди над Силјан, ги собра крилјата и полека се спушти пред него. - Гледаш ли колку е едноставно? - рече. -Треба да го ослободиш телото и да се препуштиш. Одовде полетувањето е најлесно. Ќе почувствуваш како оддолу те потфаќа топлата струја што излегува од морето, столб млак воздух што како мајчн скут те држува во себе. Ајде! Силјан не можеше да се одлучи. Помисли на Стоилка. Ако таа беше тука, решението ќе го донесеше полесно. - Немаме многу време - нестрпливо рече Гологлавиот. - Ти барем ме имаш мене за да ти помогнам, да ти се најдам ако нешто не е како што треба. Јас немав никој. Ајде. И самиот знаеш дека немаш друг избор. Ако сакаш да се вратиш, мора да полеташ. А ти треба да се вратиш. Да го почувствуваш и тоа искуство. Да го вкусиш постоењето таму каде што не било одредено да постоиш. Затоа летај. Летај! 11. Силјан нерешително зачекори кон работ на спилата. Од глетката во длабочината под него му се заврте в глава. Се нишаше на ветерот. Во него се прекршуваа стравот и некое ново чувство, решеност, потем колебање, а и одлука да се откаже. Тоа ќе значеше крај, дефинитивно отстапување, пропаст. Во еден таков миг, кога следниот чекор беше неизвесен, ветерот поддувна посилно. Силјан се заниша, занурка кон морето, смрзна во претсмртен страв и се затетерави низ воздухот. Се обиде да се врати назад, сега наполно решен да се откаже од обидот да полета. Зашто сето ова, иако нереален миг, беше многу поразлично од сонот. Остар воздух го плесна в лице, нешто налик на удар со камшик пукна над неговата глава и тој се струполи прудолу. Паѓаше. Крик му излета од градите. Претсмртен вресок. Ги затвори очите. Очекуваше телото да плесне врз назабените карпи во кои удираа брановите разбивајќи се во ситни капки. Ревот на морето измешан со бучењето на ветерот стануваше сè пострашен. Го очекуваше крајот, како тогаш кога се давеше в море, на што еве сега, в миг се присети и се помири со судбината. Тогаш почувствува нечие присуство, шум на крилја. Глас низ ветерот: „Рашири ги крилјата Силјане, рашири ги крилјата. Оптегни ги колку што можеш." Да, тоа беше глас. „Ксак-ксак!", крикаше гласот околу. Да ги рашири крилјата? „Ксак-ксак!", допираше до него како заповед. Силјан ги рашири рацете во воздухот. Огромна сила настојуваше да му ги откине од рамениците. Градите му се напнаа, некој притисок однатре сакаше да му ги распрсне. „Ксак-ксак!", викаше гласот. „Издржи Силјане. Ова е тој страшен час што треба да се преброди. Првиот лет, чинот на преобразбата." Нозете го болеа. Почувствува парање во коските што се оптегнуваа. Телото му се згрчи. „Ксак-ксак!", викаше гласот околу него, сега, кога му беше најпотребен. Му даваше сила. Ако не беше тој глас, Силјан уште на почетот, со здробено тело ќе лежеше на карпите под себе. В миг попуштија болките што несносливо му го опфатија телото и го замелушија. Кога го попрскаа капки од распенетите бранови, Силјан мавна со крилјата. Еднаш, двапати. Тежок и болен напор да ги покрене. Отпрвин беа непослушни, секое крило си мафташе само за себе, во неслога. Се заврте низ воздухот како сув лист потфатен од ветер. Се напрегна да го исправи телото. Кога му успеа, се обиде да ги смири крилјата што сè уште во паника, секое мафташе на своја страна. „Ксак-ксак!", викаше гласот. „Така Силјане, така. Рашири ги крилјата и препушти $ се на струјата." Го потфати столб топол воздух и го оттргна од брановите. Почна да се издига. Ги отвори очите. Во зениците му шибна светлина што боли. Полека се извишуваше. Сантиметар по сантиметар се одделуваше од водата што ги разјапи челустите за да го проголта, сега, за навек. Се креваше во височините, во полулебдење, во полулет. Ненадејно стравот го замени радост и чудесно чувство, блаженство. Ревот на морето се губеше под него, ветерот еднолично шумолеше околу, а Силјан леташе, леташе... Високо, во безбедносните прегратки на височините се наведна на едната страна и во благ лак, го започна првиот круг. „Ксак-ксак!", кликна гласот над него. Радосен глас, глас што му ја обзнани победата. 12. Тогаш ја догледа Стоилка. Лебдеше над него. Претпостави дека неколкуте благи нишнувања со крилјата е всушност честитка што нему му ја упати. Силјан полета. Леташе. Се извишуваше нагоре, сè уште несигурен, ама тоа беше лет, вистински лет. Се израмни со работ на спилата и од височината го побара Гологлавиот. Го виде долу, во тревата. Ме чека, мислеше Силјан. Веруваше дека ќе му се упати во пресрет, ќе му честита. Можби и радосно ќе го прегрне. Веќе не обраќаше внимание на болките по целото тело. Тие не беа ништо во споредба со занесот во кој се најде, со новото чувство, неузнаено дотогаш, со конечната победа. Над него е небото, сино и недогледно. Под него земјата и океанот, бескрајно спрострени до крајот на погледот, дотаму, до каде што догледуваше копренено, белузлаво, магличесто треперење. Направи круг, уште еден и со секој нареден полека се спушташе. Се приближи до земјата и го догледа Гологлавиот што бркаше скакулци низ тревата. Се обѕрна да ја види Стоилка. Ја немаше, или остана далеку над морето. Се упати кон Гологлавиот што незаинтересиран за него си го полнеше мевот со крупните инсекти. Ги запре замавите со крилјата, ги собра до телото. Паѓаше. Кога пак се обиде да ги рашири и да го забави падот, веќе беше доцна. Во паниката што го опфати не ги спушти нозете што му беа згрчени во стомакот. Тресна со градите, клунот, долгиот клун за кој сè уште не беше свесен, го заринка в земја. - Спуштањето ти беше очајно - рече Гологлавиот без да го погледне, занесен во полнењето на стомакот. - А летот? - прос'ска Силјан низ болка. Се изненади од сопствениот глас. Наместо зборови, од устата, низ клунот, излезе зарипнато пискање. Сепак и тоа беше говор. Звуци со значење. - Полетувањето? Никакво. Па, ти не полета. Јас те турнав. А за летањето? Е, тоа не знам. Не те гледав. - Ме препушти сам, во првиот обид, при првиот лет? - Ти како да се лутиш за нешто? - рече Гологлавиот. - Не гледаш ли колку убави скакулци ја нападнале тревава. Секој е колку бут од жаба. Наоколу вриеше од скакулци. Ги имаше толку многу, што се чинеше како да се движи земјата. Тие тогаш немаа значење за Силјан. Замелушен од падот, со болки во градите, во рацете и во колковите, со речиси исчашени зглобови, сè уште не беше свесен за својата положба. Овде, во овој свет. Се паметеше себе си како човек. Некаде во потсвеста беше млад човек на триесетина години. Можеби не многу убав. Сепак, селските жени го загледуваа, а по некоја од нив му се подавше. Со бујна црна коса, среден по раст, го сметаа меѓу најсилните мажи во селото. Сега, по првиот лет, спружен на земја, сè уште мислеше дека е човек. Затоа се изненади кога место дланката со која сакаше да го пофати удреното место на градите, виде неколку црни пердуви, завршеток од крило. Се исправи на долгите нозе. Пред него, на местото од носот, стрчеше долг, црвен, како да е полиен со лак, клун. Нозете исто така долги и црвеникави, завршуваа со кратки прсти. Стомачните и грбните пердуви му беа бели, а на завршетоците од крилјата и опашот се издвојуваа мазни, црни перја. - Што направив од себе? - свика. - Ете, стана штрк - му рече Гологлавиот. - Сега можеш да размислуваш за иднината, за враќање. - Ваков! - крикна Силјан. - Што ќе им сум таму ваков, штрк? Гологлавиот го изгледа од сите страни и задоволно заниша со главата. - Добро изгледаш - рече задоволно. - Личиш на згоен штрк. - Добро изгледам?! - свика Силјан. Не. Тоа не беше викање. Силјан само штракаше со клунот за да покаже лутина. - Полека - рече Гологлавиот. - Ќе си го скршиш клунот. Штрк со скршен клун умира. - Добро изгледам како штрк? - пак заштрака Силјан. - Како штрк?! Што ќе правам таму каде што треба да бидам човек? - Тоа зависи од тебе - рамнодушно заклучи Гологлавиот. - Сè зависи од тебе. Треба да вежбаш. Да научиш убаво да леташ. Така ќе го поминеш Патот. Покажа кон небото. Силјан погледна. Остра болка го пронижа во долгиот врат. - Не! Не прави такви ненадејни движења - го предупреди Гологлавиот. - Кај нас, штрковите вратот е мошне чувствителен. - Кога тргнуваме? - и самиот не знаејќи ја суштината на прашањето, праша Силјан. - Наскоро. По едно или две стемнувања и разденувања - рече Гологлавиот. - И, што ќе правам таму, ако стигнам? - Што ќе посакаш - рече Гологлавиот. - Ако ти се допадне, остани штрк, ако не престори се човек. - Да се престорам човек? - Се разбира - рече Гологлавиот. - На истиот начин како што се престори штрк. Со многу желба. Никако поинаку. Но, доста губиш време со неважни мисли. Треба да вежбаш. Уште многу да научиш за летањето. Инаку, сето ова ќе биде залудно. - А Стоилка? - праша Силјан и се разврте. - Каде е Стоилка? - Која е пак сега таа Стоилка? - се зачуди Гологлавиот. - Не губи го времето со неважни прашања. Летај! Нема друг начин да го научиш потребното. Зашто горе, на Патот - покажа кон небото - нема кој да ти помогне. Секој ќе си се грижи за својот лет . Секој ќе сака да стигне. Постои ли Стоилка, или сам ја измислив, се прашуваше Силјан, одејќи полека на несигурните нозе кон спилата од која летна пред малку. Да. Постои, самиот си потврди. Не можев тукутака да ја измислам. Како што постои Гологлавиот. Како што постојам јас. Таа ми помогна при првиот лет. Нејзиниот глас стигна до мене во заден час. Мора да ја има. 13. До зајдисонце Силјан уште неколкупати летна. Тоа беа кратки летови. Со секој нареден беше сè посигурен. Отпрвин, заради несигурноста што полека ја победуваше не можеше да ужива во летањето. Потоа, сè полесно се одлепуваше од земјата, а стравот што го обземаше при слетувањато исчезнуваше. Кружењето над морето и над карпите почна да му причинува задоволство. На болките во мускулите и во коските не им обрнуваше внимание. Занесен во летот не беше свесен дека наполно се измени. Зафатен со единствената идеја, да лета, да совладува нови искуства и техники, во еден момент заборави на Стоилка, која до пред малку не му излегуваше од мислите. Сè беше изменето. Околината... Боите се поразредија, се прелеваа една во друга. И Силјан се измени. Физичкиот изглед, физиологијата, биохемијата. Крвта побрзо му течеше во жилите, срцето му тупотеше посилно и во пократки интервали. Тогаш немаше сфатено дека летањето му ја измени телесната градба. Скелетот му стана лесен и цврст, а коските шупливи. Вилиците му се издолжија во црвеникав клун, а телото му го покрија фини меки пердуви. Белите дробови продолжија со воздушни кеси што му го овозможуваа дешењето на големи височини, од кои Силјан со задоволство и занес го гледаше широкиот и прекрасен нов свет. Широкиот и прекрасен свет. - Доста е за денес - му рече Гологлавиот кога Силјан слета зазбивтан и горд, очекувајќи некој збор за пофалба и признание. Притоа Гологлавиот ждригна. Клунот му беше полн со скакулци. - Уште еднаш - рече Силјан, копнежливо гладејќи кон височините. Од исток полека навасуваше мракот, а на запад руменилото стана лилаво. - Јас не би летал за ниедно богатство - рече Гологлавиот. - Да се доберам до некое дрво и да дремнам. Долу под нив играше јато галеби. Се спуштаа до водата, ја допираа со долниот дел од телото и се извишуваа. Во приквечерието уште еднаш летна. Воздухот зашуме околу, од далечната савана допреа звуци, што горе се стопија со звуците од морето, претворајќи се во милозвучен напев. Летна полека, со сигурност, без страв. Замавна со големите крилни перја, го потисна воздухот под себе, а со опашните пердуви се нишнуваше ваму-таму, кормилареше менувајќи го правецот на движење од час во час, следејќи го тактот на мелодијата што струеше во воздухот. Бараше воздушен столб на кој ќе се опушти и ќе заедри. Од височините го погледна смрачувањето над Африка. Основната боја беше жолтозелена, но овде - онде се отвораа грамадни преливи, најразлични нијанси. Долу под него морето беше модрозелено, а на брановите блескаше бела пена. Уживаше во воздухот, како пливач на грб испружен на вода. Полека се спушташе. Ретко замавнуваше со крилјата, собирајќи ја крилната вила во остар агол, со што ја намалуваше брзината. Ту топлина избиваше од водата, ту студен воздух. Силјан ја научи вештината да ги подига и спушта перјата на алулеата, со што спречуваше да се создаде воздушен вртлог од кој со мака ќе се извлечеше. Впрочем, тоа му се случи при првиот лет. Сакаше да се приближи до галебите што крескаа над водата во близината на брегот и да им се покаже, имаше голема желба да го видат, пред некого да ја открие својата умешност. Едреше. Го заобиколи гребенот од кој полета за прв пат. По тлото лазеше мракот. Излезе над морето и се спушти кон водата. Галебите беа долу, над површината. Силјан се уплаши дека не ќе може да стигне до нив. Му беше јасно. Мошне тешко ќе го покрене телото над морската површина. Ако не наиде на топол воздушен столб, ќе заврши во водата од каде никогаш нема да полета. Стравот се претвори во намовнување, во ужас. Одлучи да се врати. Ја повтори научената постапка. Започна да кружи. Телото му се причини потешко од пред малку. Некоја сила го влечеше надолу. Сепак се издигаше. Милиметар по милиметар. Најпосле се извлече на безбедна височина, од каде што можеше да се искачува нагоре, кон гребенот. Во далечината здогледа галеб што му се приближуваше во брз лет. Силјан ги помести тртните перја, го промени правецот и забрза кон него. Заради смрачувањето, галебот не го забележа и како стрела иташе кон него. Ако ниту една од птиците не го променеше правецот, ќе се судреа во воздухот при стреловит лет и тоа можеше да значи крај. Силјан го отвори клунот, прос'ска во знак на предупредување. Галебот го забави летот, закочи во воздухот и запре пред него. Очекуваше малата птица со остар завој да го избегне судирот што ќе беше природно за таа ситуација и од нејзиното искуство, но таа како да смрзна во воздухот. Силјан забележа зацрвенети и ужаснати очи. Писок, крик излета од грлото на галебот. В миг, како камен се струполи прудолу. Паѓаше додека Силјан кружеше околу, гледајќи како птицата се стрмоглавува. Кога ја изгуби од погледот, чу, мртва пласна во водата. Што се случи со галебот? Од каде толкав ужас во неговите очите од таа птица кога се сретнаа со неговите? Очигледно, умре, уште тука, во воздухот, при средбата со Силјан. Не можејќи да го истера галебот од мислите, едвај стигна до брегот. Го побара Гологлавиот. Го немаше. Беше мрачно. Тешко ги препознаваше дрвјата во далечината. За прв пат по толку време, не знаеше колку време, почувствува глад. Побара низ тревата. Успеа да улови два-три скакулци и голем полжав. Ги проголта со сласт. Сакаше да бара уште, но заради мракот не ги наоѓаше. Звуците што ги слушаше дотогаш, се менуваа. Стануваа таинствени и застрашувачки. Се обѕрнуваше со страв. Сенките што пред тоа мируваа, се раздвижија. „Овде не е безбедно", помисли Силјан. „Но, каде да одам? Замавта со преморените крилја, се издигна неколку метри и се упати кон едно од ретките дрвја во саваната. На дрвото го догледа Гологлавиот, удобно сместен на гола гранка. - Дојдов - рече Силјан слетувајќи. Гологлавиот се помести. - Добро де - рече. - Дојде и молчи. Требаше да се прибереш порано, ако не сакаш да бидеш изеден. Мора да се спазува редот, инаку си готов. - Ти не ме предупреди - рече Силјан. - Не ќе имаше смисла - рече Гологлавиот. - Во тебе има многу човечко. Којзнае дали на тоа ќе успееш да му се спротивствавиш. Најдобро е сам да доживееш некои нешта. Така ќе ги разбереш. Силјан му кажа за средбата со галебот и за неговата смрт. - Се случува - рече Гологлавиот. - Галебот видел нешто ужасно. Му пукнало срцето. Видел нешто што не требало да види. Нешто за што во него не постои објаснување. Нешто за кое нема информација. Тоа му го пукнало срцето. Ашто е тоа, ти сега не можеш да разбереш, можеби подоцна, подоцна кога сам ќе имаш слично искуство. - Навистина не можам да разберам, рече Силјан кој преморен од напорите и возбудувањата задремуваше несигурно нишајќи се на дрвото. - Не е разбирливо гледано од твоја страна - рече Гологлавиот. - А сега молчи и спиј. Тоа беше закана. Силјан со канџите се прицврсти на гранката, го стабилизира телото и ги затвори очите. Низ главата му се заврте изминатиот ден. Од часот на полетувањето. Си ја спомна и Стоилка. Беше ли таа тука? Се случува ли нешто меѓу нив? Го опфаќаше дремка и тој во претсониот миг и во сонот посака во мислите да ја задржи Стоилка. Но, место тоа, се врати во селото. Истиот тој Силјан-човек. Го слушна гласот на жена си Неда. „Каде беше Силјане?", речиси низ солзи пропелтечи. Од одајчето го слушна плачот на сина си Велко - Што му е на детето? - праша Силјан. „Плаче за татка си", рече Неда. „Не те видел долго време. А и јас..." „Што има да ме гледате!", свика Силјан. Го штрекна лавеж, лавеж што повеќе наликуваше на виеж. Штотуку сакаше да ја праша Неда што е тоа, се разбуди од сонот. Полубуден се заниша и со панично размавтување на крилјата успеа да се одржи на гранката. - Спиј - прошепоти Гологлавиот. - Ако те разбудува секој шум, никогаш нема да се наспиеш. Овде, на гранкиве, на оваа височина си безбеден. 14. Штом зарумене небото на исток, а земјата сè уште ја немаше напуштено мракот, Силјан се разбуди. Отпрвин не беше сигурен што е јаве, што сон, но кога го виде Гологлавиот, се врати во стварноста. Ноќта ја помина во кошмарни соништа, во кои тој не беше ни птица ни човек. Му се јавуваше Стоилка, час како девојчето од неговото детство, час како штрк, но секогаш иста и убава. Неколкупати доаѓаше и жена му Неда, секогаш со истиот плачлив глас, а и татко му кој прекорно го гледаше и нишаше со главата. Во сонот му дојде и Галебот. Се спушти до него. „Зошто ме уби?" - праша. „Јас те убив?", се зачуди Силјан. „Ти!" - крикна Галебот, со оној ист крик од кој Силјан намовна, со оној ист крик по кој птицата како камен се струполи в море. Пред да успее да го отвори клунот и да каже нешто, Галебот одлета без шум. Остана само прекор да лебди во воздухот. „Ќе морам да разговарам со Гологлавиот", помисли Силјан. Тој му ги прочита мислите. - Нема што да се разговара - рече и затропа со крилјата. - Треба да работиш. Да учиш. На Силјан не му беше јасно. - Да научиш да леташ - рече Гологлавиот. - Сè за летањето. - Летав - рече Силјан. - Мислам, летав. Гологлавиот се засмеа. Не бешто тоа смеа, туку брзо штракање со клунот: -Немој да ме засмејуваш - рече Гологлавиот. - Тоа е само мавтање со крилјата. Знаеш ли ти колкав пат нè чека, поправо, те чека и колку треба да се прелета? - Ќе летам. Ќе учам. Летањето ми прави задоволство. Ќе летам постојано. Без запирање. - Од тоа се плашев. Сè уште не си ја сфатил смислата на летањето. Живот, ништо друго. Ти тоа би го правел од забава. Разликата е огромна, што тешко ќе ја разбереш. За човекот некои нешта што се надвор од Редот, добиваат значење и смисла и тој тие нешта ги прогласува за ред. Човекот се бори за да опстане, сам, божем е единка, божем животот единствено нему му е наменет. Силјан нишаше со главата. Божем разбира. Во него истовремено почнаа да се судираат и човек и птица. - А селидбите. Зошто ви се селидбите? Што не останете на едно место? Овде, или, таму. - Тој Пат сме го минувале со години, со векови, со милениуми - рече Гологлавиот. - А ќе го минуваме уште толку. Сме го минувале пред да го има човекот и тука е клучот за нашиот опстанок и трајност. Замолче. Со клунот си чепкаше по пердувите. Наеднаш свика: - Знаеш ли ти што е тоа нагон? Ти мислиш, сега, или по некој ден, ќе се собереме овде, илјадници и илјадници и ќе поминеме исто толку километри само од задоволство. Заради забава. Е, не е така. Ако не го почувствуваш нагонот, потребата што е посилна и посложена од твојот ум, ти си готов. Не ќе успееш да се вратиш. Нема ништо да направиш во животот. „А што направи ти?" - сакаше да рече Силјан. „Јас барем имам жена и дете. Јас барем сум спиел со некои жени." Но, не изговори. Се плашеше да не го навреди. А и тој донекаде беше виновен за неговата судбина. - Речи го тоа што го помислуваш! - свика Гологлавиот. - Но, да знаеш. Ненаситноста е судбина на луѓето, а не наша. Ако продолжиш да леташ од задоволство, ти си готов.. - Колку високо може да се стигне? - наивно праша Силјан за да го прекине мачниот разговор и покажа кон две румени облачиња што го затскриваа сонцето на изгревање. - Зависи - рече Гологлавиот... - Може ли до... - покажа кон облачињата и тој несигурен дали мисли на нив или на сонцето. - На секоја птица, на сè што е живо, дадена им е граница - рече Гологлавиот. - Од таа црта натаму не се смее. - Едно е дали се смее, друго е дали се може - рече Силјан. - Кај луѓето е така - рече Гологлавиот. - Тие се стремат кон неможното. Ете, ти си еден таков пример. Ретки се оние што ја поминале границата и останале неказнети. Овде, во саванава, имаше гепард со прекрасно крзно и долги нозе. Веројатно носеше нешто човечко во себе. Го видов со сопствени очи кога се обидуваше да ја помине дозволената граница. Се впушти во невиден трк. Не за да стигне антилопа. Тоа би имало некаква смисла и оправдување. Едноставно, сакаше да се надмине, да ја премине границата. Да го постигне она што не му успеало на никој од неговиот вид пред него и што никому не му паднало на памет да го искуси. Знаеш ли што се случи? При тој напор му пукна срцето. Потоа видов како орлите ја дупчат неговата прекрасна кожа за да стигнат до дробовите и до утробата. Хиените здивени виеја околу. - Мора да умрел среќен и со исполнета цел - рече Силјан. Разочаран од оваа избрзаност, Гологлавиот нишна со главата. Сакаше да го прекине разговорот. Очигледно, лекциите беа залудни. За него Силјан беше човек во птичјо тело. Покажа кон ној што трчаше по тревата. - Гледај ја онаа бедна птица - рече. Силјан се стресе, намовна. Нојот трчаше со долгите прачкести нозе. Од рамениците излегуваа крпи што требаше да бидат крилца, покриени со болникави пердувчиња, без сјај. Како да виде човек кој место раце има два израстоци, партали што се вејат на ветрот. - Ете, што ќе ти се случи ако преживееш во обидот да стигнеш до... - покажа штркот кон сонцето што ги беше разбило облачињата и сега блескаше заслепувачки. - Нојот се дрзнал да лета натаму. Сонцето му ги спржило крилјата, му ги подгорело пердувите. Гледај го на што личи... - Барем се обидел - рече Силјан. - Јас би го сторил истото по таа цена. - Непоправлив си - рече Гологлавиот. - Од тебе никогаш нема да стане птица. - Ги разбирам. И гепардот и нојот - рече Силјан. - Ако ги имам нивното срце и храброст, би го сторил истото. Гепардот имал цел да се осознае, да излезе од калапот што му е наметнат. Тоа е смисла, живот? Трчал. Трчал и чувствувал полнеж кога се приближувал до неможното. Бескрајно да трча, да ја премине границата. Скоковите му станале бескрајно долги. И одел пак напред, без можност да се врати. Со секој нов скок влегувал во ново, поголемо задоволство што го силело за нов скок, кон идното ново, наслутено задоволство. Го повлекла магијата на невозможното. Ни јас, ни ти не знаеме како е таму. Јас би сакал да знам. А ти, бркај скакулци, јади жаби. Тој стигна таму. А како изгледа таму? Можеме да претпоставуваме. Низ страшна болка, со последната ронка сила ги згрчил мускулите за дефинитивниот скок кон онаа страна. -Така беше - призна Гологлавиот. - Последниот скок беше величествен. Ни штрк во најбрз лет не ќе можеше да му откине. Го видов тоа со сопствени очи. - Сон без враќање. - Тан-де-ма, тан-де-ма - заштрака Гологлавиот со клунот. - Доста со глупости. Ми го разнежни срцето, а тоа е против Правилата. Ајде да летаме. Пријатно е тоа чувство на изгрејсонце, додека од морето навева свежина. - Значи така - рече Силјан, радосен што Го расколеба Гологлавиот. - Сепак нојот се обидел, сепак, еве, ти прикажуваш за него. За него прикажувале и другите многу наназад, пред тебе. Пред стотици години, пред милениуми. Се осмелил да се устреми кон сонцето, а сонцето оставило трага. Мислеше на неговите крпи, наместо крила. - За гепардот е вистина. А за нојот те лажев. Тоа се приказни за мали штркчиња. Со него ги плашиме малите штркчиња. Да не се устремуваат кон неможното - рече Гологлавиот и летна. Силјан летна по него. Се извишија над морето. Високо, високо. Од земјата се гледаа налик на топчиња, закачени со тенка нит на сводот што завртени еднаш од некоја сила останале вечно да кружат по една орбита. Кружеа долго, можеби свесни дека животот е неуништлив и вечен, но истовремено свесни за неговата краткост во која треба да се искористи секој миг, барем со илузија да се исполни тој бескраен живот. 15. Часови и часови Силјан поминуваше во воздухот. Ги откриваше тајните на летањето. Занесен во летот, не стигнуваше да мисли на ништо друго. Повремено, со копнеж гледаше во далечините, очекуваше да ја догледа Стоилка. Неколку дена на брегот се собираа штрковите. Ја немаше меѓу нив. Доаѓаа од Етиопија, од Кенија, од Уганда, се збираа тука, на 'ртот Абу Шагара. Го чекаа знакот на Водачот за да полетаат. Водачот? На Силјан му се причини дека тој, водачот е најснажниот штрк. Најчесто летнуваше сам ретко со придружба, кружеше и испитуваше, го мереше ветерот, мирисаше низ воздухот. Најпосле, знакот за полетување беше даден. Возбуда и растрчаност завладеа меѓу штрковите распрснати по околината. Како на знак од труба се наредија во долга колона. На Силјан му се стегна срцето. Во мноштвото не можеше да ја здогледа Стоилка. Или барем да ја почувствува. - Сите ли се тука? - го праша Гологлавиот. - Што те интересира тоа тебе!? - свика Гологлавиот. - Ако некој не стигне да полета со јатото останува тука. Јас и ти, затоа што ниту јас, ниту ти, не им припаѓаме, ќе летаме понастрана, подалеку од нив. Ќе го следиме шумот на нивните крилја. Тоа има и опасности и предности. Ако ги загубиме, загубени сме и ние. - Дали сите се тука? - инаетливо го повтори прашањето. Мислеше на Стоилка. -Остануваат ли некои? - праша Силјан. Мислеше: ако остане Стоилка, ќе остане и тој. - Што си запнал со глупави прашања? - се чудеше Гологлавиот. - Овде остануваат немоќни старци и некој ранет или болен штрк, тие што не ќе можат да го поминат Патот. Овде ќе ги изеде крокодил или гепард, или хиена. Но, ајде ние, јас и ти, да мислиме на себе. Време е... Силјан не го слушаше повеќе. Ако не дојдеше Стоилка, остануваше и тој. Во последниот момент, како галеж, го допре лесно ветре, од крило. Силјан затрепери. Стоилка. Стоеше до него, речиси сосема доближена до неговиот опаш. Се израдува. Сакаше да рече нешто. Гласот му остана во клунот. Му се пристори поубава од било кога. Перјето $ беше побело, меко и мазно. Се сврте, беше одлучил да стори нешто, да покаже заинтересираност, чувства, љубов, но во тој миг меѓу неа и него слета штрк. Водачот. Ги рашири крилјата, се истегна колку што е долг и направи неколку кругови околу женката. Силјан гледаше скаменет. - Тоа е свадбена игра - рече Гологлавиот. - Не треба да се вознемируваш. И онака тие тебе не те забележуваат, не постоиш за нив. Ајде! - свика. Се обиде да појде по него. Во зафрлените предели на душата, таму каде што досега можеби не беше допрел, се сви болка, му се разлеа по телото и го парализира. - Што си се здрвил - рече Гологлавиот. - Олабави се. Нè чека Патот. Другите заминаа. Што се случуваше со него? Беше ли уште еднаш по којзнае кој пат изгубен и од таа изгубеност пак, по којзнае кој пат требаше да се спаси со невидена упорност. Да се победи. Да се победи себе. Силјан не беше борец со некоја постојана настојчивост. Во минатиот живот не правеше којзнае какви напори за ди ги оствари желбите и потребите. Или барем во него немаше сили за долготрајни битки. Живееше од миг во миг. Се случуваше да покаже огромна сила, во тие мигови можеше да ја извојува секоја победа што ќе ја посакаше. Но, животот бара постојаност, вклученост во непрестајна битка за да се оствари целта. Тој во детството не се бореше за Стоилка. Таа стоеше на височинката, целата во бело, бело беше и нејзиното лице, а сонцето ја грееше од зад грбот пробивајќи $ го телото, додека другите деца правеа невкусни шеги со девојчето на умирање. Многупати сакаше да ја фати за рака, да ја поведе некаде, да $ говори нешто, да $ ја покаже љубовта што го измачуваше во долгите бессони ноќи. Што стори тој? Зошто не презеде ништо кога децата за забава ја гаѓаа со камења и кога едно од нив, тој што подоцна стана селски овчар, ја погоди сред чело? Зошто не срипа и не го спрпела во прашината за да $ стави на знаење дека е на нејзина страна. Какво право имаше сега на неа? - Ајде? Што се вкочани? Победи го стравот и летни - викаше Гологлавиот во неговото уво. „Што ќе барам таму", сакаше да рече Силјан. „Ксак-ксак", се слушна од далечина. Беше ли тоа гласот на Стоилка? Него ли го довикуваше? - Не е сè готово - рече Силјан, кој до пред малку се чувствуваше изгубен и лишен од иднина, решен да остане овде каде што ќе беше ништо. - Не е готово. Битката допрва претстои. - Така е - рече Гологлавиот. - Битката допрва претстои. Тој, Гологлавиот, мислеше на Патот, а Силјан на Стоилка. ВТОР ДЕЛ 1. Полета. Се отфрли од карпата. Ги собра нозете во грч, ги отпушти наеднаш како во нив да има пружина и рипна во бездната под себе. Едреше, до максимумот што му го овозможи првичниот скок, а кога почувствува дека е на мртва точка, од каде ќе почне да паѓа, ги рашири крилјата. Свивајќи ги и отпуштајќи ги рабовите, успеваше совршено да го држи телото во водорамна положба и да лебди. - Извонредно - рече Гологлавиот кога го стигна. - Тоа не би можел да го направи ни еден штрк. Од земјата се одлепи толку лесно, како да си ластовица. Кратко кружеа над местото од кое се издигнаа. За последен пат сакаа да го видат пределот и да му упатат поздрав. Бараа топол воздушен столб, ја бараа најпогодната висина за да се упатат кон север. - Ќе ти кажам нешто - рече Гологлавиот. - Ти ми постави едно точно прашање на кое јас тогаш не ти одговорив. Зошто се враќам, ме праша? Ја погоди суштината. Јас не требаше да се вратам. Стар сум веќе. Заврши моето. Ова ќе биде посебен напор, можеби надвор од можното. Можеби и јас се упатувам преку границата. - Не те разбирам. - Требаше да останам и да умрам овде. Меѓутоа има две причини... Силјан го забави летот. - Првата сум јас, втората ти. Сакам уште еднаш да се вратам. Не заради нагонот. Тој е мртов во мене. Кога ме одрекоа, ме лишија од тоа чувство. Немам што да барам таму. Немам седело, немам пород, не ги извршувам должностите што им се наметнати на сите. Сиве овие години бев теран од нешто друго. Од желбата да ме прифатат, да ме прогласат еднаков со нив. Ете, тоа ме води и сега. Заблудата што посакувам да се оствари. Силјан молчеше. Гологлавиот продолжи. - Втората си ти. Сакам да ти го покажам Патот. Без мене не ќе можеш да стигнеш. - Не мораше заради мене - рече Силјан кој ослушнуваше во далечината напред. Јатото беше пред нив и Стоилка во него. - Тоа треба да го сториш само заради себе. - Да замолчиме - рече Гологлавиот. - Да ги штедиме силите. Јас ги немам доволно. Ова е мое последно патување. - Ќе патуваш ти уште долго - утешно рече Силјан. - Има во тебе и моќ и потреба. Потребата понекогаш е над силата. Гологлавиот молчеше. Летаа над езерото Тана. Квечерината го прелетаа Картум. Градот беше под нив, кафеавосив, потонат во прашина. Куќите во долги низи, трошни и од кал, беа распослани околу реката. Едно време летаа паралелно со Нил. Летот беше лесен, зашто од водите избиваа топли струи. Брзаа. Во ноќта да ја прелетаат Нубиската Пустина и со ден да стигнат до езерото Насер. Летот над пустината го замори Силјан. На Гологлавиот исто така му беше тешко. Дали ќе стигнат? Неколкупати Силјан си го постави ова прашање, иако тогаш чинеше не му значи многу одговорот. Летот стана цел, сам за себе. За сето време не му паѓаше на памет ниту една поврзана мисла. Низ ноќните шумови го бараше шумот на крилјата од јатото што во навеви доаѓаше оддалеку. Чувствуваше, таму некаде е Стоилка. Бодро го освојува просторот. Тоа му беше мошне значајно. Додека ја има пред него, тој има цел. Во мугрите стигнаа до делтата на Нил. Штрковите, огромна бела маса, налик на бело море што лесно се бранува, беа распослани по брегот. Во тие кратки мигови одмор, требаше да се нахранат, да ги обноват силите, зашто ги чекаше долгиот пат преку Арапската Пустина, преку Црвеното Море, до Арабија, оттаму до Јордан и Ерусалиум. Силјан не можеше во тоа мноштво да ја пронајде Стоилка или да го слушне нејзиното „ксак-ксак". Исто така не смееше да се оддалечи од Гологлавиот, што како споулавен бараше храна меѓу трската и водените зумбули. Долу, на земјата, секој штрк беше сам, сам мораше да се погрижи за себе, да ја граба храната од другите, за потоа, кога ќе се вивнат во височините, тоа огромно јато да стане едно тело, една душа, една намера. - Што си се смуртил? - рече Гологлавиот. - Барај жаби. Тој не можеше да го сфати неспокојството во Силјановата душа, немирните мисли, јанѕите што почнаа да го јадат. За него постоеше само една цел. Да стигне на одредиштето. А Силјан?... Се враќа ли кон изгубеното од минатото? Ќе сака ли да ја почувствува љубовта од минатото? Љубовта на жена си Неда, на мајка си, на татко си, на синот. Ќе почне ли од почеток, можеби од детското доба? Мислата и свеста му се судираа. Ќе го направи ли среќен сето тоа, ќе го исполни ли со задоволство? Ќе стане ли поинаков, ќе живее ли со најдоброто што го носи во себе? Приближувајќи се до целта, кон дома, сè повеќе му надоаѓаа кошмарни соништа и немирни мисли. И кога ќе се штрекнеше во летот, сонот и немирната мисла беа тука. Се враќа ли како штрк или како човек во штркјо тело? Стана ли штрк со човечки ум, или човек со ум на птица? Немаше одговори на таквите прашања, ниту можеше да ги очекува од Гологлавиот. - Не го потхранувај незадоволството - му рече Гологлавиот задишен. Стариот штрк леташе тешко, со напор. Напати ја губеше висината, го забавуваше летот. Според сè, не тој, туку Силјан стана водачот, оној кој ги следеше шумовите на јатото што даоѓаа од далечината пред нив, оној што ги пронаоѓаше воздушните столбови за да се извишуваат и да се спасат од пропаст. А можеби никој не му го покажуваше патот. Ниту Гологлавиот. Никој не го знаеше неговиот пат. Дали вреди да се трага по него? По изгубеното од минатото. Во ноќта, кога полетаа од Асуан кон Суец, со намера во еден здив да го прелетаат Црвеното Море до Арабија, Гологлавиот му го покажа небото и правецот на нивниот пат. Требаше да летаат кон североисток. - Одбери си една ѕвезда и летај кон неа - му рече Гологлавиот. Сводот беше начичкан со ѕвезди. Силјан во далечината, речиси на хоризонтот, здогледа ѕвезда чие треперење и светлина му се видоа поразлични од другите. Покажа кон неа. - Неа ли ја одбра? - се засмеа Гологлавиот. - Таа е мртва. Милиони години, мртва. Не постои таква ѕвезда. Само светлина што сè уште патува. Што сакаше да каже, се прашуваше Силјан. Најпосле сфати. Лета кон светлина од ѕвезда што одамна згаснала. Волшебното од сонот, страшното од јавето. Силјан на извесен начин го засака Гологлавиот, штркот, зајадливкото, осамениот... Осуден да ги мрази оние што го откажале, оние за кои не постои, а на кои им е рамен според сè, па дури е и над нив. Во исто време осуден да стреми кон нив, со копнеж да го прифатат. Несвесно и тој, Гологлавиот, сакаше да се наруши Редот, да се изигра Законот што е над нив и неприкосновен. Сега им се испреплетија судбините. Силјан го чуваше како мало штркче, без да знае дека некое, за него непознато правило, го осудило на непостоење. Без да знае дека таа осуда е дефинитивна и значи исполнување на Законот. Закон што владеел со векови, милениуми, Закон што не смее да се наруши. А, ако знаеше? Ќе постапеше ли исто? Наполно исто, можеби и со поголема грижа за да му се спротивстави на Законот, зашто тој беше човек и според тоа во неговата потсвест не се таложела мудроста на времето. Беше човек и целта и смислата на неговиот пат не смееше да биде предодредена. А и да знаеше за Законот, осуден е да го прекрши. Зашто признавањето на вистината може да доведе до ужасен крај. Морето спрострено до недоглед под нив, се прелеваше во разни бои. Го чувствуваше топлиот воздух што се качуваше нагоре и го одржуваше во височините. Тишина. Смртна тишина го опкружуваше. Небото, побелено од роеви ѕвезди и една со мижуркаво бледожолт сјај, речиси на хоризонтот, кон која се упати Силјан. Леташе, леташе упорно, како човек инаетно зафатен со бесцелна работа. Веќе не му требаше шумот од крилјата на јатото пред него. Иташе напред, можеби во вистински, можеби во погрешен правец. Сеедно. Неговиот пат е само негов. Чувствуваше, не му припаѓа никому, ниту на јатото, можеби не припаѓа ни таму каде што се упати. А таму каде што беше досега? Во другиот свет? Миг, секвенца, блесок. Траеше долго или кратко? Минута, две, час, два, ден, два, век? Колку време? Количина или отстапка? Да не помина брзо, па тој не го забележа? Да не траеше предолго, па тој го изумил? Се сеќава на африканското сонце на изгревање. Огромна топка обрабена со портокалова боја, а внатре, огнено јадро. Ако беше штрк, вистинска птица, ќе знаеше дека ѕвездата што ја следи, поточно нејзиниот лач, не постои со милиони години. А сепак, светлината е тука. Илузија? Не. Стварност? Не. Колку живеела претходно? Можно е да се претпостави некоја бројка, но тоа ја укинува смислата наспроти логиката. Мислеше, наспроти разумот. Неговата логика произлегува од неговиот разум, не од универзалниот разум. Неговиот разум е дел од универзалниот разум, но скуден, речиси неважен дел. Парченце, прашинка, снегулка што се топи на детска дланка. Каде се упати оној ден кога го напушти татковото огниште, топлината на домот, закрилата на семејството? Зарем не требаше и него, кога се роди, како што тоа се случи со Гологлавиот, да го исфрлат, зарем не беше и тој подложен на Законот? Летаа над морето. Силјан напред, во бодар лет. Гологлавиот по него, уморен, папсан, со зарипнато дишење. Му требаше брег, почин. До Арабија беше далеку. Затоа Силјан за неколку степени се отклони од ѕвездениот сјај, кон исток. Настојуваше да лета пред Гологлавиот, да го сече воздухот и така да му го олесни летањето. Гологлавиот го забележа тоа, но одмолчи. Можеби немаше сили за глас, или пак, не сакаше да го признае поразот. Силјан да го води по оние патишта, кои тој, или, неговиот род ги минувале со години и со векови, можеби уште додека ѕвездениот сјај што го следеше Силјан бил од жива ѕвезда. Осамнуваше. Гологлавиот немаше сили. Силјан го храбреше. Во далечината, со првите зраци на сонцето, догледаа граница на морето, некаква бледа линија спрострена паралелно со хоризонтот. Планината Ал Хаџис. Потфатени од воздушен столб, се извишуваа без напор. Отидоа толку високо, што воздухот им го отежна дишењето, ги остави без здив. Со едрење се упатија кон копното. Се приближуваа до грамадни карпи што се надвиснуваа во морето. Тука е спасот за Гологлавиот што веќе не можеше да ги движи крилјата. Ненадејно, попаднаа сред невиден метеж. Некои чудни движења на земјата под нив, но бидејќи беа изморени, отпрвин не им обрнаа внимание. Одвај чекаа, особено Гологлавиот, да се доберат до некое дрво. Кога зедоа здив, видоа, на висорамнината се води жестока битка. Тоа Ибн Суад ги биеше Турците. Ѕвекотот на оружјето, писоците на ранетите, 'ржењето на коњите, сето тоа се стопуваше во див рев на страшна битка. Паѓаа воини прострелани од куршум, прободени со копје, пресечени со меч. Турската војска беше разбиена. Имаше коњаници што уште се држеа на коњите и сè уште се биеја, но и тие распрснати во безредие. Очигледно, ќе загинат до еден. Арабиската војска, преостанатите Турци ги потиснуваше кон шумичката во која Силјан со Гологлавиот се одмараа на осамено дрво. Турците бегаа кон ретката шумичка. Силјан гледаше ужаснат. Имаше слушано за војни, за битки, но никогаш не претпостави такви стравотии, никогаш не помисли на очајот на оние што гинат, а само до пред малку со самоувереност и срченост се впуштиле в битка. Никогаш не ја претпостави здивената крволочност на оние што победуваат и гонат. Погледна кон Гологлавиот. Спокојно седеше на гранката над него и дремеше. - Што правиш? - се вчудовиде Силјан. Гологлавиот одвај ги отвори очите. - Дремам. Собирам сили. А што треба да правам? - Зарем не гледаш што се случува околу нас? - Што се случува? - рече Гологлавиот. - Некои луѓе се растрчале во невидена бркотница и се убиваат еден друг. Што има тука необично? Силјан подзина. - Сето ова воопшто не те вознемирува? Гледај колку мртви, колку крв. - Тоа не - рече Гологлавиот. - Туку нешто друго ме вознемирува. - Кога ќе заврши борбата, ќе дојдат орлите стрвинари, а јас не сакам да се најдам во нивна близина. Затоа сакам да се одморам и да ја дувнам одовде. - Така си е тоа - рече Силјан и инстиктивно погледна кон небото. Во височините кружеа орли, мршојади. Заборави на битката. Друго неспокојство и страв почувствува Силјан. - Да бегаме - рече. - Има време - промрморе Гологлавиот дремејќи. - Нема да слетаат додека не заврши сето ова. Војниците што бегаа завлегоа во шумичката. Гонителите на коњи и во трк ги бараа меѓу грмушките и ги прободуваа со копја. Еден турски војник, во облека што блештеше на утринското сонце, точно под дрвото на кое беше Силјан, очајнички се бранеше нападнат од неколкумина. Откако уби двајца, падна од мечот на третиот. Крв шикна од неговите гради и во црвено ја обои зелената трева. Силјан гледаше во смртно ранетиот војник, во неговото од болка изобличено лице. Се подигна во сопствената баричка од крв, се потпре на лактите и гледаше околу. Сакаше да го види крајот, исходот на битката, во која оние што ги повел го доживуваа конечниот пораз. Очите во кои се отчитуваше смртта трескавично шараа низ околината. Се сретнаа со очите од Силјан. Тој што умираше ги втренчи, а лицето од болен грч, премина во болна насмевка. Усните му промрмореа: - Ти си ми сведок - рече. - Ти виде дека не бегав туку се борев до последен здив... Другото се претвори во нечуен шепот и кркорење. Силјан слета. - Што сакаш? - рече. - Не те слушам добро. - Главата ја наведна кон усните од војникот што мрмореа. - Ти си ми сведок - прошепоти. - Не бегав како другите. Знаев дека битката ќе биде залудна, но не отстапив... Вода. Дај ми малку вода... Силјан разгледа околу. Од близината допираше шум на поток. Одлета. Околу потокот лежеа стотици мртви тела. Се спушти во водата, ги натопени градните перја, зеде вода во клунот и се врати. Војникот лежеше без свест. Течноста од клунот ја истури врз неговото лице. Се освести. Му ги подаде градните пердуви. Тој лакомо ја цицаше течноста од нив. Ја поткрена раката и млитаво го прегрна Силјановото крило. Од устата излезе претсмртно кркорење и воздишка со која му одлета и душата. Тенка шурка крв му потече по брадата. Дотогаш белото лице го облеа руменило што како ветре му помина по образите и исчезна. Раката што стежна, полека се спушти од Силјановото крило и падна во тревата. - Ајде веќе - нестрпливо викаше Гологлавиот. - Време е да се бега. Силјан несигурно зачекори кон дрвото. Се тетеравеше во одот. - Што ти е! - врескаше Гологлавиот. - Како да си клукнат в глава. Побрзај. - Виде ли? - праша зашеметен Силјан. - Па што! - рече Гологлавиот. - Тој во тебе препозна човек. Те помоли за помош и ти му помогна. Силјан ја истресе преостанатата вода од градните перја и полета. Зад себе го слушна шумот на крилјата од Гологлавиот. Од бојното поле сè уште стигнуваа крикови и офкања, лелеци и повици за помош што се мешаа со крескањето на орлите мршојадци кои се расправаа околу нечија сè уште топла утроба. Сонцето заоѓаше. Целиот ден го поминаа на дрвото, сред бојот. Според сонцето, Силјан го одреди смерот по кој требаше да летаат. Кон север. Се израмни во агол од деведесет степени со сонцето што заоѓаше и остана во рамна линија со неговото лево крило, се извиши. - Суад ги победи Турците - рамнодушно рече Гологлавиот кој леташе зад него. Се спушаше ноќта. Сега, без светлината од ѕвездата што сè уште не се беше појавила, Силјан настојуваше да го одржи правецот. Гологлавиот не проговори ништо кога Силјан за степен-два го промени курсот. Нешто му говореше дека натаму е неговата цел. Очекуваше зад себе да го слушне налутеното „кљак-кљак" од Гологлавиот, со кое овој ќе го изразеше несогласувањето за отстапката од патот. Ако се случеше тоа, Силјан ќе продолжеше сам и ќе го оставеше на милоста на судбината. „Значи така", помисли кога Гологлавиот одмолче. „Ми го препушта водството и признава дека зависи од мене". Го обзеде чувство на гордост и надменост. Гологлавиот молчеше и леташе по него во тишината на височините. На друг звук Силјан не се надеваше. Најмалку на шумот од крилјата на јатото што го напуштија уште над Црвеното Море, кога Силјан за десетина степени скршна кон исток за да стигнат до копно. Сега, со ова свртување кон запад, дали смислено или од инает, сепак, сакаше да оствари некоја цел. Нешто го викаше натаму. Кон Јордан. Кон Ерусалиум. Таму каде што порано, во минатото, се упати со духовникот кон Божигроб, таму каде што не стигна никогаш, туку се најде во друг свет и во друго време, таму каде што ги сретна Гологлавиот и Стоилка. Стоилка, се сепна Силјан во летот. Дали ќе ја види уште еднаш? Знаеше, откако јатото ќе го прелета Средоземното Море, ќе се растури на помали. Едни ќе тргнат на исток, кон Турција и Русија, други на север кон Франција, Англија и Нордија, трети на запад кон Италија и Шпанија. Каде ќе се упати таа? А тој? Ќе се упати ли во Македонија, кон Мало Коњари или пак ќе лунѕа по светот барајќи ја Стоилка? - Немој да се занесуваш - рече Гологлавиот зад него. - Си запнал со брзина од која набргу ќе папсаме. Тогаш, ќе се струполиме в море. Силјан продолжи со истото темпо. На темното небо, без месечина, ѕвездата, онаа светлина од минатата ѕвезда, сè уште се немаше појавено. Од левата страна, од запад, во навеви, лесно, како повремен галеж, доаѓаше топла струја. Таму беше Црвеното Море. - Гледаш ли? Виде ли од каде потекнуваат корените на злото? - рече Гологлавиот. - На што мислиш? - праша Силјан, загрижен од оваа зајадлива реченица, но уште повеќе од задишениот глас со кој му се обраќаше Гологлавиот. - Ја виде битката. На неа мислам. - И едните и другите имаа цел и се бореа за таа цел. - Се бореа за земја - рече Гологлавиот. - А, вие? - рече Силјан. Гологлавиот беше ироничен. - Ние? Светот е наш. - Не верувам - рече Силјан. - Не може да биде така. Секому му е судено да се бори за простор. - Нас ни е свето седелото - рече Гологлавиот. „Тебе те исфрлија од седелото", сакаше да му свика Силјан и да го повреди, потоа да го столчи. Да му рече: „Ти не им припаѓаш и тие не те спознаваат, немаат свест за тебе." Помолча. Гологлавиот го сфати молкот. - Кутриот војник - рече. - На што мислиш? - праша Силјан. - На оној што умираше. На тој што му донесе вода. На тој што препозна дека си човек. - Аха - рече Силјан и го забави летот. Почувствува, Гологлавиот е на крајот од силите и во секој момент ќе се струполи. Ненадејно се сети на смртта на Галебот над морето во Етиопија. „Дали и тој ме препозна?", си рече. Заврти уште неколку степени кон исток. Гологлавиот молчејќи прифати. За кратко, летаа над морето. Наидоа на топол воздушен столб што ги издигна. Едреа до наредниот. Брзината им се намали, но затоа летаа со помалку напор. На полноќ, на дното од небото, на хоризонтот, се појави светлина од Силјановата одамна мртва ѕвезда. Остана лево од нив, речиси за петнаесет степени. Силјан забележа, но не го поправи курсот. Продолжи натаму. Гологлавиот молчеше. Најпосле прошепоти. - Не ја следиш својата ѕвезда Силјане. - Мојата ѕвезда!? - свика Силјан. - Јас немам ѕвезда. Тоа е лажна светлина, одблесок што може да се изгасне во секој миг. Не сакам да бидам свидетел на заблудата. - Тој сјај ќе го снема по милион години - рече Гологлавиот. - А тогаш? - рече Силјан. - Што ќе им кажам на моите поколенија. Дека сум следел светлина од ѕвезда што не постои. Каков ќе биде споменот за мене? - Ќе им зборуваш за саваните под Килиманџаро - рече Гологлавиот. - Молчи $ летај - рече Силјан. - Ако ја испитаме содржината на сечиј мозок, таму ќе најдеме хаос. Ме тераш да патувам по светлина од ѕвезда што не постои. Каде ќе ме одведе? Во мрак. Во густ мрак, мрак како на почетокот и на крајот. 2. Во зората го прелетаа Мртвото Море и се упатија кон Ерусалиум. - Ако летаме в лево, кон Суетскиот Канал, на делтата од Нил, кон Александрија, можеби има надеж да го стигнеме јатото - рече Гологлавиот. - А оттаму патот преку Средоземното море е пократок. - Оди ти ако сакаш - рече Силјан со зајадливост во гласот. Знаеше, Гологлавиот нема да го напушти. Тој, Силјан е единствената поткрепа за стариот штрк, кој од невидена сила, од копнеж, беше теран да го измине Патот. Ниеден друг на негово место, со неговата старост, не ќе се обидеше. Ќе останеше во Етиопија, крај мочуриштата, препуштен на судбината. Слетаа во близина на река. Во околината забележаа штркови. Гологлавиот им се приближи. Со смртно бледило што му се ширеше од коренот на црвениот клун кон келата, се врати кај Силјан и рече: - Јатото е разбиено. Пред Каиро, додека летале по течението на Нил, ги зафатила бура. Го смениле правецот. Со последни сили стигнале овде. Раштркани се по околината. Избрале нов водач и сега го чекаат неговиот знак. - А Стоилка, ја виде ли Стоилка?! - загрижено извика Силјан. - Која ти е таа Стоилка? - се зачуди Гологлавиот и се загледа во Силјан. - А ти како да знаеше, постојано отклонуваше од патот, ја напушти и ѕвездата, бегајќи пред бурата. Ако беше штрк, сигурно ќе те избереа за водач. - Каде е?... Каде е Стоилка - викаше Силјан избезумено летајќи околу. Штрковите не му обраќаа внимание. Во големи групи доаѓаа до блиската бара обрастена со топузи. Не беа бодри како порано. Не ја најде Стоилка. - Загинал ли некој во бурата? - праша Силјан. Гологлавиот дремеше под сенка. - Се разбира - рече. - Многу загинале. Бурата била страшна. Пред зајдисонце се крена јатото. Требаше да се помине најдолгиот дел од патот. Средоземното Море. Силјан почека. Во далечината, јатото што одминуваше личеше на голем бел облак, носен од ветрот, се смалуваше, стануваше мало, бело облаче што трепери на пурпурното небо, исчезнувајќи. Го проголта мракот, а со првата темнина до нив стигнуваше едвај чуен шум што наликуваше на шепотлив ромор. Најпосле гробна тишина завладеа во височините Силјан и Гологлавиот во еден здив го прелетаа морето. Напорен лет во ноќниот мир, под небеската капа, побелена од ѕвезди. Во утрото го надлетаа Кипар, потоа дел од Мала Азија, а околу пладне се спуштија крај Атина. Тука, јатото се разделуваше на групи, а секоја од нив си имаше одредиште. Значи, повеќе нема да ја видам Стоилка, мислеше Силјан. Тој и Гологлавиот, за да се извишат доволно, трипати го надлетаа Солунскиот залив. Потоа се упатија по течението на реката Вардар Пределите под него му се причинија познати. Ги имаше видено тие гори и полиња, му беа познати свежината и мирисите во воздухот. Кога дојдоа до половина од течението на реката, во остар завој свртеа на запад. Само што ги прелетаа Бабунските ридови, пред погледот на Силјан се отвори познатото поле. - Дома сум - кликна. Во средината на тоа поле се наоѓаше неговото Мало Коњари, родното село, татковата куќа, жената, синот. Срцето му затупте до искокнување. Колку време беше отсутен? Дали сега е навистина присутен, или и ова, и сè друго, е сон што се отегнал во недоглед, до неврат? - Полека - му рече Гологлавиот. - Не можам да те следам. - Не сме си веќе потребни. Еве, те вратив. - Ти ме врати мене? - се зачуди Гологлавиот. - Ти помогнав да се вратиш - рече Силјан. - Не е сосема така - рече Гологлавиот. - Има уште многу пред нас. Силјан се извишуваше. Сакаше одозгора да го опфати пределот. Не обрнуваше внимание на стариот штрк. Нивните патишта овде се разделуваат. Двапати се споија во чудни околности. - Не е сè готово - рече Гологлавиот. - Треба да видиш уште многу нешта, пред, ако посакаш, да станеш човек. За тоа ќе ти треба подготовка. Силјан го забави летот. Полето под него беше мало, стуткано во пазувите на планината. - Да се подготвам? - рече. - Ќе треба да имаш голема причина - рече Гологлавиот. - Тукутака не се донесуваат пресудни решенија. Силјан се замисли. Дали навистина сака да биде човек? После сè. Дали движењето по земја може да го замени летот, бескрајниот слободен лет. Да оди уште нагоре, високо угоре и да ја доживее судбината на нојот или да се стрмоглави надолу, надолу, во бескрајот. - Не е толку едноставно - рече Гологлавиот. - Да се убедиш дека треба да станеш човек. Одговор на безодговорна дилема. И уште нешто сакам да видиш. Тргни по мене! Тоа беше заповед. Силјан не можеше да се спротивстави. Прозвуче како онаа наредба, истата реченица, што Гологлавиот ја изговори таму, во другиот свет, реченица, заповед, што за Силјан стана света задача. Во неа и таму и овде имаше некаков призвук што не допушташе приговор. Гологлавиот направи благ лак, полека се спушти. Силјан го следеше. И сега, како и во Африка, завршетоците на опашот, неколкуте црни пердуви, му станаа патоказ. Во близината на едно село го забави летот, залебди во воздухот и на Силјан му покажа голем, столетен даб под нив, што се белееше од птици, а воздухот го исполнуваа птичји крикови. - Што се случува - праша Силјан, кој од таа височина не можеше сè да разбере. - Битката - свика Гологлавиот. - Тоа е она што го чекав со години. Можеби мојата последна можност. Силјан не разбираше. Со отворен клун, како човек што се чуди со подзината уста, гледаше пред себе во метежот на дрвото. - Се бијат штрковите и чапјите! - кликтеше возбудено Гологлавиот. - Што ќе им е таа битка? - се чудеше Силјан. - Ништо не разбираш - рече Гологлавиот. - Се бијат за дрвото. За седелата на дрвото. Пред десетина години чапјите ги запоседнале, по една иста ваква битка во која моите биле поразени. Дојде денот кога треба да се преземе дрвото. Го чекав овој час, оваа битка. Последната можност да го доживеам тоа што го посакував. Да се изборам за сопствено седело, да се изборам за присуство меѓу нив. - Нема некоја голема разлика - рече Силјан. Притоа мислеше на битката во Арабија. - Во што? - праша Гологлавиот. - Немој сега да ме заморуваш со излишности. Се втурна кон дрвото. Силјан летна по него. - Ти остани - рече Гологлавиот. - Немој да се мешаш. Ова не е твоја работа. Тебе никогаш не ќе ти треба птичјо седело. - Што сум јас по ѓаволите?! - свика Силјан. - Ќе разбереш и ќе се каеш - рече Гологлавиот. - Ти не им припаѓаш. За нив си човек. А човек не смее да се замеша во нешто што е надвор од него. Инаку ќе се наруши Редот. - Ќе правам што сакам - инаетливо рече Силјан, длабоко во себе сè уште човек. - Тоа нема да те одведе никаде - рече Гологлавиот. Со крик, боен поклик, стариот штрк се втурна кон стеблакот на дрвото. Се измеша меѓу птиците што се бореа. Пердуви летаа на сите страни. Она што Силјан го гледаше не се разликуваше многу од стравичниот бој во Арабија, на планината Ал Хиџас. Штрковите и чапјите налетуваа едни на други. Се судираа во воздухот и се обидуваа со клуновите да си ги продупчат черепите. Долу, под дабот имаше многу ранети и мртви.* Дали е Стоилка во бојот, се препали Силјан и сакаше да полета. Длабоко во него одекна гласот на Гологлавиот. „Човекот не смее да се замеша таму каде што не припаѓа и каде што ќе го наруши редот". Со секој миг битката стануваше пожестока. Кога надвладуваа штрковите и се вгнездуваа во седелата, на височината зад дрвото ќе се собереа чапјите и ќе тргнеа во напад. Настануваше мешаница над гранките и во гранките на дабот. Силјан тешко ги распознаваше птиците една од друга. Чапјите беа помали, со пократки клунови, но затоа многу поцврсти од оние на штрковите. Со секој нов налет, било на едните, било на другите, на земјата остануваа да лежат десетина мртви птици. Најпосле, надвладеаја штрковите. Чапјите се повлекоа, извесно време стоеја нерешително на височинката и потоа одлетаа во спротивен правец. Од многу клунови од дабот се разнесе победоносно "кљак-кљак", боен клик што ја обзнани победата. Дури тогаш Силјан се осмели да слета. Меѓу ранетите и мртвите ја бараше Стоилка. - Еј, Силјане - чу зарипнато пискање, слаб птичји глас. - Зошто ме одминуваш? Се заврте. Гологлавиот. Лежеше на земја со скршено крило, а од ќелата му липтеше крв. - Што ти сторија? - се вџаши Силјан. Гологлавиот се насмевна. - Молчи - рече. - Еве го мојот среќен час. Сета мака, сиот мој пропаднат живот, да, мојот живот беше страдање и изгубеност, сега добива смисла. - Каква смисла? Ти умираш - рече Силјан и со крилото се обиде да ја запре крвта што течеше од ќелата. - Остави го тоа - рече Гологлавиот. - Нема ниту смисла, ниту потреба. Сега живеам со вистински живот. Дури сега сум дел од светот, сега им припаѓам на оние што ме одрекоа. - Ама тоа ќе трае кратко - викаше Силјан, очаен што не можеше да го запре крварењето. По неговото крило, низ перјата, се слеваше топла крв и капеше на земја. - Уште ништо не разбираш - се насмеа Гологлавиот. Очите радосно му блескаа. - Дојди поблизу. Силјан се наведна. Гологлавиот шепотеше. - Ако еднаш си отстранет, тоа е засекогаш. Но, ако еднаш те примат, тоа е пак засекогаш. Ете, затоа ова јас не го доживувам како крај, туку како почеток. Тие сега ме имаат за свој. Можам да правам што сакам. Да летам со нив. Да освојувам женка. Да градам седело. Да имам пород. Не. Седело нема да градам, зашто едно од оние на дабот е мое. Се изборив за него. Силјан сакаше да рече нешто. - Не прекинувај ме. Сега времето ми е скапоцено. Во битката влегов со стегнато срце. Се плашев дека нема да ме прифатат, дека ќе се откажат уште еднаш од мене. Тоа ќе беше мојот дефинитивен пораз. Но тие до еден се согласија со мене. За првпат, од оној ден откако ме исфрлија од седелото, кога ти ме најде, за првпат ме согледаа, имаа свест за мене. Некои ме храбреа. А еден од нив, ме погледна, се насмевна и ми рече: „Така брате, удри по нив!" - Тоа беше еден од моите браќа, еден од тие што беа осудени да живеат, а јас да умрам. Еден од тие што до пред малку не знаеја за мене. Сега, проблеснав во неговата свест. Гласот му беше сè потивок, а од клунот му се цедеше крв. На Силјан му заличе на воинот што умираше во Арабија. - Да донесам вода? - Не треба - рече Гологлавиот. - Сакам да живеам. Сакам уште малку да го гледам овој убав свет. - Си спомнуваш ли за битката во Арабија? - праша Силјан. - Знам што сакаш да кажеш - рече Гологлавиот. - Јас тогаш спокојно седев на гранка, а ти се вознемири. Тогаш тебе те препозна војникот што умираше. Во тебе виде човек. - Како ме гледаш ти сега? - праша Силјан. - Матно - рече Гологлавиот. - Речиси и не те гледам. Само те слушам и го претпоставувам твоето присуство. - Штрк сум или човек? - праша Силјан. - Она што сакаш. Јас се изборив за своето место. Време е ти. Животот е еден и вечен, ако немаме страшна празнина во душата. Со неа не се живее. Главата му висна, очите му се затворија. - Еј! - избезумено свика Силјан. - Не оставај ме. Сè уште си одговорен за мојата судбина. Штркот што умираше го отвори клунот. - Животот е сон. Тандема, тан-де-ма. Умре на рацете Силјанови. Раце - крилја. 3. На рацете Силјанови. Силјан ги рашири крилјата, се затетерави, летна. Како првпат да го правеше тоа. Крилјата му тежеа, не го слушаа. Тромаво се извишуваше, со несносливи болки под мишките. Не знаеше каде се упатил. Стигна ли до крајот? Дали од секогаш во него имало ужасна пустош, страшна празнина во неговата душа, што тој, бидејќи човек, секогаш со лажна надеж, секогаш во мимикрија, се подзатскривал, а себе и другите ги убедувал дека живее. Што постоеше за него? И пак она прашање од почетокот. Каде е? На почетокот или на крајот? Го оствари ли својот живот, го доведе ли до крајот, или само го начна и го почнува од почеток? Леташе, не знаејќи каде. Лицето му беше изобличено, вратот неприродно собран, крилјата чинеше му се од железо, студени и црни. Не знаеше ни колку високо одлета. Под заматениот поглед догледуваше нејасни контури од кои не успеваше да создаде слика. Кога слушна гласови под себе, осозна дека во низок лет кружи над своето село. -Колку чуден штрк! - викаа гласовите. „Штрк, штрк, балабан, полна пушка шарлаган." Тоа децата викаа по него и фрлаа со камења. Леташе над нивните глави, како да сакаше да биде погоден со некој од камењата што фрчеа крај него. Се виде себеси, смртно ранет, со затворени очи паѓа во пресрет на дефинитивниот крај. Стоилка! Се сепна. В час исчезна тежината од крилјата и тој се извиши. Погледот му се разбистри. Ги виде децата, меѓу нив и сина си Велко, зачудени и разочарани во исто време, бидејќи очекуваа во секој миг, штркот да се струполи пред нив. Се разбуди од некој сон што личеше на замаеност или хипноза, сон кој невратно го носеше во мрачни длабочини. Заспаниот дух му се разбуди. - Не! Не е наполно лишен од желбата за живот. Претходната намера му беше безумна заблуда, опседнатост. Ако го уништи телото, ќе најде мир и за она што беше содржина на тоа тело. Човечка или птичја. Сеедно. Се сети на очите од Гологлавиот кога умираше, на очите од воинот што умираше. Имаше нешто заедничко во нив. Страст за живеење, алчност по последниот зрак што темнееше. „Животот е неуништив!" - свика горе, многу горе во воздухот, во височината што ниту еден штрк дотогаш не ја искусил. На рабовите од крилјата веќе му се фаќаше мразна кора. Само миг, само проблесок може животот да го направи вистински и целовит, да му даде опипливост, значење и смисла. Горе, во безбојната прозрачност на воздухот, Силјан за првпат по толку време? - мигови, секунди, години или вечност? - сеедно, почувствува дека ништо, ниту Гологлавиот што беше осуден од Законот, ниту тој, сега и порано, во која и да било состојба, не можат да бидат фрлени во заборав и осудени на непостоење. Леташе со водорамно испружено тело. Леташе над ридовите, над гората, над полето, над реката и блатото околу неа, над водата што светкаше и дури и таму, горе, во височините, му испраќаше тенки, бели зраци. И дали по еден ваков беспрекорен лет, по една ваква вистина, по една ваква оствареност за која можеше да сонува секој штрк и секој човек, па дури и Гологлавиот со сета своја стипчава придржливост кон Правилата, еден штрк, што некогаш бил човек, ќе посака пак да биде човек? Се искачуваше, повисоко и повисоко, како дете заинаетено да добие одговор на некое прашање, што никој не е во состојба да му го одговори. Само да можеше да го види Стоилка. На тој успех, на таа неверојатност, не ќе имаше друг одговор, освен усвитени очи од воодушевување, истовремено и благи очи полни со љубов. Кога веќе дробовите не можеа да му помогнат да земе од реткиот воздух, кога требаше да се распрснат на ситни парчиња, помисли: „Морам да ја видам. Морам да одгатнам дали е таа?" Ги собра крилјата и се стрмоглави кон реката под себе што личеше на долг, свилен конец. Тоа беше понирање достојно само за сокол. Ги припи крилјата до телото, го издржа ударот на воздухот што пукна пред него како пробиен од ѓуле. Паѓаше, но истовремено со речиси незабележителни поместувања на рабовите од крилјата и на тртните пердуви, одржуваше правец. Кој? Не знаеше. Не беше свесен каде се упати. Наеднаш се најде на лединката на која некогаш играше како дете. Ги испружи крилјата. Остра болка го пресече нивниот корен, истата онаа болка што ја почувствува при првиот лет над морето во Африка. Тревата штотуку раззеленета и влажна, му го ублажи падот. Сè уште зашеметен, со речиси здробен граден кош, почувствува дека сега, како и тогаш, некогаш, му е потребно едно „ксак-ксак", едно ново храбрење. и, навистина: - Ксак-ксак - слушна од височинката. Височинката на која секогаш облечена во бело, со бело лице, како да е фигура од гипс, стоеше Стоилка. Се сврте на таа страна. Пред очите што заради камшикувањето на воздухот при понирањето му беа полни со солзи, му се појави матна, водлеста слика. Предметите околу беа распливнати како акварелен цртеж. На крајот од погледот, на височинката на која секогаш стоеше Стоилка, целата бела и облечена во бело, неподвижна како да е фигура од гипс, здогледа контура на штрк, или повеќе личеше на бело ленено платно што се ниша на тивко ветре во воздухот. Сенката спрострена под него, исто така беше бела, и неподвижна. - Не можеме, Силјане - проговори девојчински, речиси детски глас, што идеше од длабочината, како од под земја. Силјан ја наведна главата, го допре увото до земјата и наслушна. - Не барај ме таму - рече гласот. - Овде сум! Го подигна погледот кон височинката на која секогаш стоеше Стоилка и ја виде, застаната на една нога. Градите $ беа бели, од челото надолу по лицето и се спушташе тенка црвеникава линија, налик на шурка засирена крв. - Јас ти зборувам - рече Стоилка. После многу години Силјан го слушна гласот од девојчето. Она што му недостасуваше во детството, во младоста потоа, во животот, се разбира ако имаше живот. Беше убава. Веќе не личеше на парче бело ленено платно што трепери на ветрот, туку на жена или на птица, што свесна за својата заводливост, со долгите нозе прави бавни кокетни чекори, нишајќи ги колковите. Силјан занеме. Стоилка проговори со девојчински глас што идеше од длабочината, како од под земја. - Тоа што бевме заедно, тогаш и сега, тоа е како никогаш да не сме биле заедно, иако требало да бидеме заедно. - Јас се отклонив од ѕвездата што требаше да ме води, а сепак стигнав - рече Силјан. - Не биди смешен - рече Стоилка. - Зборуваш за минатиот сјај. За сјајот од ѕвездата што не постои. Како да говориш за ланскиот снег. - Ланскиот снег!? - се зачуди Силјан. - Штрковите заминуваат пред снегот, а се враќаат откако ќе се стопи. Тие не знаат што е снег. Притоа гледајќи ја фигурата пред себе, Стоилка, сета во бело, таа што дотогаш му се чинеше дека е фигура од гипс, огреана од сонцето од зад грб што ја правеше проѕирна, небаре зраците пробиваа низ неа и непречено патуваа до некое цврсто одредиште каде што ќе запрат, му се причини дека е огромна снегулка што се топи. - Ќе се стопиш! - викна уплашено Силјан. - Не! - рече Стоилка. - Ќе снесам јајца. - Сè живо од јајце - не знаејќи што да каже, рече Силјан. - И повеќе од тоа - рече Стоилка. - Ќе треба да изведам пилиња. - Ах! Твоето топло тело - воздивна Силјан. - Дојди - рече Стоилка. Силјан беше закован. Сакаше да појде кон неа, ама некоја чудна, неовоземна сила, не му дозволуваше да ги помрдне нозете. Само клунот, како уста жедна за бакнеж, го подаде натаму. И Стоилка го подаде својот. Клуновите сепак им беа далеку. - Ќе треба да изведам пилиња - рече Стоилка. - Тоа го кажа еднаш! - викна Силјан. - Не викај толку - рече Стоилка. Гласот како да $ доаѓаше од под земја. Силјан се наведна. - Немој да ја веднеш главата - рече Стоилка. - Ти ја кажувам вистината што боли. Потоа, кога ќе се изведат пилињата, ќе бдеам над нив. Ќе барам храна за нивните ненаситни, секогаш отворени клунови. Ете, тие ќе го чувствуваат животот. Тие знаат да се борат. За нив не постои друго. - Себичност - рече Силјан. - Јас те викам да летаме. - Не го разбирам тој збор - рече Стоилка и се премести на другата нога. Тоа ние го нарекуваме дарба. - За што? - праша Силјан. - Да се преживее - рече Стоилка. - А од каде таа трага на твоето чело, лузна што преку лицето ти се спушта по градите? - праша Силјан. - Ах, тоа - рече Стоилка и со клунот, кој дотогаш беше подаден кон Силјановиот, се почеша по стомачните меки пердуви. - Тоа е рана - рече. - Знам - рече Силјан. - Се сеќаваш ли на тој час? - Се сеќавам. Но тоа сега не е важно - рече Стоилка. - Таков е животот. - Воздивна самоуверено, божем изрече беспоговорна вистина. Зраците од сонцето на заоѓање ја прободуваа. Телото $ стана проѕирно. Силјан помисли дека ќе се стопи, ќе се претвори во пареа и ќе исчезне во воздухот. - Не биди наивен - рече Стоилка. - Јас треба да снесам јајца, да одгледам голуждрави штркчиња и да ги научам да летаат. И така со ред. Силјан се сепна. - Јас те сакам - рече ненадејно. Стоилка се премести на другата нога. - Не ги разликуваш времињата - рече. - Сега е пролет. Штотуку почнува пролетта. - Со клунот откина цветче, жолта месечина. Му го подаде. Силјан го зеде. Клуновите им се допреа. Меѓу неговиот и нејзиниот остана цветното стракче од глуварчето, зелено, преполно хлорофил. - Животот е убав! - кликна Силјан. - Ксак-ксак - не се согласи Стоилка. - Потоа - рече. - Тие мали штркчиња ќе пролетаат. Знаеш ли колкава ќе биде мојата обврска да ги научам да се одржуваат во воздухот, да ги извадам на Патот? Знаеш ли ти што е тоа земјина тежа? Вие луѓето сте цврсто залепени за земја. - Зарем и јас? - зајачи Силјан. - Дај ми ја раката - рече Стоилка. Силјан го испружи крилото. Завршетоците на крилјата, по еден пердув, им се допреа како да беа прсти. - Вака би останал до крајот - рече Силјан. Стоилка го повлече својот пердув. - Потоа - рече - ќе се наближи Пантелејмон. Ќе се смени нешто во нашиот крвоток. Некоја сила ќе нè подгони кон југ. Есен ќе е. - А јас, што ќе правам јас? - праша Силјан. Стоилка не го чу, или се направи дека не го слушна. Пред неа протрча гуштер и таа брзо, како со удар на копје, го зграпчи со клунот. - Да го поделиме ловот - рече великодушно Стоилка, подавајќи му го опашот од гуштерот што трепереше во нејзиниот клун. Силјан одби. - Оди - рече Стоилка, откако го проголта гуштерот. - Оди, оди, оди... - Каде? - праша Силјан. Стоилка се готвеше да полета. Нејзиниот глас доаѓаше од земја. - Чекај! - викаше Силјан кон штрклицата што се вивна во воздухот. - Чекај. Ако имаш три штркчиња, ако е гладна година, ако фрлаш едно од седелото, ако е таков Законот, јас ќе го земам, ќе го чувам како свое. Штрклицата го забави летот, направи круг над Силјан и кресна: - Ксак - ксак. Тоа е надвор од Законот. Силјан ја наведна главата. - Исправи ја главата, Силјане, и летни - говореше Стоилка од височините, а до Силјан гласот допре од под него, од под земја. - Така ќе се спасиш и себе и мене. - Инстинктот - свика Силјан, ама неговиот глас не допре до височините, туку се спростре по зеленетата трева, ги допре цветчињата на некои штотуку расцветани билки. 4. Силјан уште долго остана на лединката загледан во празниот простор пред себе. Сега му требаше Гологлавиот, несреќниот мудрец што заврши среќно. Празниот простор пред него, местото каде што секогаш стоеше Стоилка, девојчето од неговото детство и од младоста и штрклицата од под африканското сонце што заоѓаше налик на огромна бакарна тепсија, зјапна како темна дупка, рана што на небото ја оставила ѕвезда што згаснала. Што ако нејзината светлина патува, кога неа ја нема. Тоа е исто како кога бледее сеќавањето по мртов, а драг човек, сè додека не исчезне во празнината. Совршен изговор за непостоењето. Полета со тешки крилја. Го надлета полето и го виде татка си кај ора. Брзаше да заврши пред стемнување. Од црните бразди избиваше мирис и свежина што земјата ги таложела цела зима. Викна, со крик го повика орачот. Старецот не погледна нагоре. Не го интересираше штркот што вреска. Нему му беа важни браздите под ралото, да бидат прави и длабоки. Слета на сламениот покрив од плевната. Сакаше да ја види жена си. Заштрака со клунот. Од плевната го чу возбудениот глас на Неда. - Што сака овој штрк? - рече. - Ќе го отепам утре - рече груб машки глас. Тоа беше гласот на Смиле овчарот, истиот оној што во детството ја погоди Стоилка со камен. - Набркај го - рече Неда и продолжи да се љубува со овчарот. Силјан погледна низ проѕирките на сламениот покрив. Не му беше криво за неверството. Му падна тешко што Неда никогаш нему, на Силјан, не му се подаде со толку страст. Полета. Магла лазеше по ридот. Се упати натаму. Крилјата му беа стежнале. Како да не беа тоа истите крилја со кои го прелета Патот. Туѓи, што некој со сила му ги накалемил. Излезе од маглата и се спушти кон градот. Ги надлета меаните во кои некогаш пиеше ракија и вино и уживаше со лесни жени. Ништо не го вознемируваше веќе, ништо не можеше да ги разбранува неговите чувства. Некои дечишта што играа по нечистите бразди почнаа да викаат: „Штрк, штрк балабан полна торба шарлаган." Леташе натаму, наваму, кон белиот маглив превез што лазеше по ридот. Некои дотогаш за него неузнаени треперења во воздухот му го потресуваа телото. Влезе во белузлавата влажна магла. Сакаше да се искачува нагоре, нагоре, да излезе од маглата и да го почувствува свежиот пролетен воздух на височините. Но, не беше сигурен што е долу, што е горе. Се сети на предупредувањето од Гологлавиот да ја избегнува маглата, зашто сите птици и сè што е живо во неа го губат чувството за простор. Маглата стануваше погуста и потемна. Наеднаш, кога мислеше дека следното замавнување со крилјата ќе го изнесе на чистиот прозрачен воздух, меѓу ѕвездите, кога очекуваше дека ќе ја догледа светлината од неговата одамна згасната ѕвезда, пред него, во висината на неговиот лет, сретна човечки очи. Силјан смрзна во воздухот. - Од каде човек во воздухот, високо горе!? - крикна. Срцето му запре, се распрсна на илјадници парчиња. Се струполи на земја. - Сега го разбирам Галебот - рече Силјан, му рече на човекот што се наведна над него. - Што ти е? - праша човекот. - Да не те боли нешто? - Не! - рече Силјан. - Галебот во мене, горе во височините, препознал човек. Таму каде што не му е местото, каде што не смее да има човек. Затоа умре. - Што му е на човеков? - праша друг, штотуку дојден и надвиснат над Силјан спружен во калта. - Блада нешто - рече првиот. - Изгледа го стегна срцето. - Можеби е пијан? - рече вториот. - Болен е. Можеби умира - рече трет. - Да бегаме одовде, да не си ја земеме белјата. Заминаа. - Летав, навистина летав - им довикна Силјан со слаб глас. До оние што се губеа во мракот стигна звук налик на птичји писок. - Сега ми е јасно. Па јас цело време сум бил во потрага по љубов. Ете тоа било - рече, но не беше сигурен дали изговори во претсмртниот час или тоа само кликна птица во височините. 1